Братот, кој е на пониска положба, нека се фали со возвишеноста своја, а богатиот – со својата понизност, бидејќи тоа е минливо како цвет од трева; зашто како што сонцето огрева и со својата жега ја исушува тревата, и цветот нејзин отпаѓа, и убавината на нејзиниот изглед исчезнува, така ќе овене и богатиот во својот пат.
Блажен е оној човек кој издржува искушение, бидејќи откако ќе биде проверен, ќе добие венец на животот, што Господ им го ветил на оние кои Го сакаат. Ниеден, кога е во искушение да не вели: „Бог ме искушува“, бидејќи Бог со зло не се искушува, и Тој никого не искушува, но секого го искушува неговата похота која го влече и мами. Потоа похотта, откако ќе се зачне, раѓа грев, а гревот, извршен, раѓа смрт. Не мамете се, браќа мои возљубени. Секој добар дар и секој совршен подарок иде озгора, симнувајќи се од Отецот на светлината, во Кого нема промени ни сенка од измена. Зашто Тој нѐ роди по својата волја преку словото на вистината, за да бидеме првина меѓу Неговите созданија.
И така, мои возљубени браќа, секој човек нека биде брз за слушање, а спор за зборување, и бавен за гнев, бидејќи човечкиот гнев не ја извршува Божјата правда. Затоа, отфрлувајќи од себеси секаква нечистота и насобрана злоба, со кроткост примете го насаденото слово, кое може да ги спаси вашите души. Бидете извршители на словото, а не само слушатели, мамејќи се сами себе. Зашто, кој го слуша словото, а не го извршува, тој прилега на човек кој го гледа своето сопствено лице во огледало; ќе се погледне, па ќе си замине, и веднаш заборава каков бил. Но кој ќе се задлабочи во совршениот Закон на слободата и остане во него, тој, бидејќи не е заборавлив слушател, туку извршител кој дејствува, ќе биде блажен во своето дејствување. Ако некој од вас мисли дека е побожен, а не го зауздува јазикот свој, туку го мами срцето свое, неговата побожност е суетна. Чиста и непорочна вера пред Бога Отецот е оваа: да се грижиш за сираци и вдовици во нивните маки и да се пазиш да останеш неосквернет од светот.