Јаков, слуга на Бога и на Господ Исус Христос, испраќа поздрав до дванаесетте племиња, кои живеат раселени.
Радувајте се, браќа мои, кога ќе паднете во разни искушенија, знаејќи дека проверката на вашата вера создава трпеливост: трпеливоста, пак, нека биде совршено дело за да бидете совршени и целосни, без никаков недостаток. Ако некому од вас му недостига мудрост, нека ја побара од Бога, Кој на сите им дава изобилно и без приговарање – и ќе му се даде. Но да моли со вера и никако да не се сомнева; зашто оној кој се сомнева, прилега на морски бран, кого ветрот го издига и растура; таков човек нека не мисли дека ќе добие нешто од Господ. Човек што се двоуми во сите свои патишта е непостојан.
Братот, кој е на пониска положба, нека се фали со возвишеноста своја, а богатиот – со својата понизност, бидејќи тоа е минливо како цвет од трева; зашто како што сонцето огрева и со својата жега ја исушува тревата, и цветот нејзин отпаѓа, и убавината на нејзиниот изглед исчезнува, така ќе овене и богатиот во својот пат.
Блажен е оној човек кој издржува искушение, бидејќи откако ќе биде проверен, ќе добие венец на животот, што Господ им го ветил на оние кои Го сакаат. Ниеден, кога е во искушение да не вели: „Бог ме искушува“, бидејќи Бог со зло не се искушува, и Тој никого не искушува, но секого го искушува неговата похота која го влече и мами. Потоа похотта, откако ќе се зачне, раѓа грев, а гревот, извршен, раѓа смрт. Не мамете се, браќа мои возљубени. Секој добар дар и секој совршен подарок иде озгора, симнувајќи се од Отецот на светлината, во Кого нема промени ни сенка од измена. Зашто Тој нѐ роди по својата волја преку словото на вистината, за да бидеме првина меѓу Неговите созданија.