Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Исаија 59:1-13

Исаија 59:1-13 MK2006

Ете, раката на Господ не се скусила, та да не може да спасува, и увото Негово не отврднало, та да не може да слуша. Но беззаконијата ваши ве разделија од вашиот Бог, и гревовите ваши прават да го сокрива лицето Свое од вас, за да не слуша. Зашто рацете ваши се осквернети со крв, а прстите ваши – со беззаконие; устата ваша говори лага, јазикот ваш искажува неправда. Никој не го крева гласот за правда, и никој не се застапува за вистина: се надеваат на суетното и говорат лага, зачнуваат зло и раѓаат беззаконие; несат змиски јајца и ткаат пајажина; кој ќе ги изеде јајцата нивни – умира, ако, пак, ги скрши – отровна змија ќе исползи – од нив. Пајажините нивни не ги бива за облека, нема да се покријат со изра­ботката своја; делата нивни се дела не­праведни, а насилството е во рацете нивни. Нозете нивни трчаат кон зло, брзаат да пролеваат невина крв; мислите нивни – се мисли нечесни; по патеките нивни – опустошување и погибел. Тие не го знаат патот на мирот и на патеките нивни нема правда; патиштата им се искривени, и никој, кој оди по нив, не знае за мир. Затоа е и далеку од нас справедли­воста, правдата не стигнува до нас: чекаме видело, а тоа темнина, – светлина, а одиме во мрак. Го пипкаме ѕидот како слепи, одиме со пипкање како без очи; на пладне се сопнуваме како во мрак, меѓу живите сме како мртви. Сите рикаме како мечки и стенкаме како гулаби, чекаме суд, а него го нема, – спасение, но тоа е далеку од нас. Зашто престапите наши пред Тебе се многубројни, гревовите наши сведо­чат против нас; со нас се престапите наши, беззаконијата наши ги знаеме. Ние изневеривме и се одрековме од Господ и отстапивме од нашиот Бог; говоревме клевета и насилство, зачну­вавме и раѓавме од срцата наши лажли­ви зборови.