Затоа „исправете ги премалените раце и ослабените колена“, и со нозете свои „Направете си прави патеки“, та, она што е куцо, да не се повреди, туку поскоро да се исцели.
Трудете се да имате мир со сите и светост, без која никој нема да Го види Господа: гледајќи, да не би некој да се лиши од Божјата благодат, да не би некој горчлив корен, штом изникне, да направи штета, и преку него да се осквернат мнозина; да не би меѓу вас да има некој блудник, или нечестив како Исав, кој за една манџа се откажа од своето право на првородство. Зашто знаете дека тој и отпосле, сакајќи да го наследи благословот, беше отфрлен, бидејќи не најде место за покајание, иако го беше молел дури со солзи. Вие не пристапивте кон планината што може да се опипа и кон разгорениот оган, кон облакот, и темнината, и луњата, и кон трубниот звук, и кон гласот што зборуваше, чии слушачи молеа да не им се зборува веќе, зашто не можеа да го истрпат она што им се заповедаше: „И ѕвер ако се допре до гората, со камења нека биде убиен.“ И толку страшна беше глетката, што и Мојсеј рече: „Треперам од страв!“ Но вие пристапивте кон Сион и градот на живиот Бог, небесниот Ерусалим, и кон безбројните ангели, на свечениот собор, кон собранието на првородените, кои се запишани на небесата, и кон Бога, Судијата на сите, и кон духовите на праведниците, што достигнаа совршенство, и кон Исус, Посредникот на Новиот завет, и кон крвта за попрскување, која подобро зборува од Авеловата. Гледајте да не Го отфрлите Оној Кој зборува. Зашто, ако не останаа неказнети оние, што откажаа да му служат на оној што зборуваше на земјата, а колку повеќе ние, кои Го отфрламе Оној, Кој зборува од небесата Чиј глас тогаш ја потресе земјата, а Кој сега ветува, зборувајќи: „Уште еднаш Јас ќе ја потресам не само земјата, туку и небото.“ Зборовите „уште еднаш“ означуваат дека колебливото ќе се отстрани, та да остане само непоколебливото. И така, примајќи го непоколебливото царство, да искажеме благодарност со која ќе Му служиме на Бога благоугодно со почит и во страв, бидејќи нашиот Бог е оган што изгорува.