во последниве денови ни зборува преку Синот, Кого Го постави за наследник над сѐ, преку Кого ги создаде и вековите. Тој е одблесок на Божјата слава и отпечаток на Неговата суштина и држи сѐ со Својот моќен збор. Откако преку Себе ги очисти нашите гревови, седна од десната страна на престолот на Севишниот во висините.
И стана толку повозвишен од ангелите, колку што е пославно името што го наследи, во споредба со нивното. Зашто кому од ангелите Бог некогаш му рекол: „Ти си Син Мој, Јас Те родив денес“, или пак: „Јас ќе Му бидам Татко, а Тој ќе ми биде Син?“ Исто така, кога Го воведе Првородениот во вселената, рече: „Нека Му се поклонат сите ангели Божји!“ За ангелите, пак, речено е: „Ти ги правиш ангелите Свои ветрови, а служителите Свои огнен пламен“, а за Синот: „Твојот престол, Боже, е вечен и жезолот на правдата е жезол на царството Твое. Тебе Ти омиле правдата, а го намрази беззаконието; затоа, Боже, Твојот Бог Те помаза со масло на радоста повеќе од Твоите придружници.“ И пак: „Во почетокот Ти, Господи, си ја основал Земјата, а и небесата се дело на Твоите раце; тие ќе загинат, Ти остануваш; сите ќе изветвеат како облека; ќе ги свиткаш како наметка, како облекло, и тие ќе бидат променети; но Ти си секогаш истиот, и Твоите години нема да се свршат.“ А на кого од ангелите Бог некогаш му рекол: „Седи од Мојата десна страна додека непријателите Твои не ги поставам за подножје на нозете Твои?“ Нели се тие сите служителски духови, испратени да им служат на оние што ќе го наследат спасението?