Тогаш Јосиф, не можејќи повеќе да се воздржи пред оние што стоеја околу него, извика: „Отстранете ги сите од мене.“ И така никој не остана при Јосиф кога им се откри на браќата свои. Па заплака силно, така што чуја Египќаните, а се чу и во домот на фараонот. И им рече Јосиф на браќата свои: „Јас сум Јосиф! Дали е уште жив татко ми?“ Но браќата не можеа да му одговорат, бидејќи се уплашија пред него. Но Јосиф им рече на браќата свои: „Дојдете поблизу до мене!“ И тие пристапија; а тој им рече: „Јас сум Јосиф, братот ваш, кого го продадовте во Египет. А сега, пак, не жалостете се, ниту да жалите што ме продадовте ваму, бидејќи Бог ме прати мене пред вас, за да го запази животот ваш. Зашто има веќе две години, откако настапи глад на земјата, а уште пет години остануваат, во кои ќе нема ни орање, ниту жетва. Затоа Бог ме прати пред вас, за да ве зачува на земјата, а и да ви го запази животот со големо избавување. И така, не ме пративте вие ваму, туку Бог, Кој ме постави како татко на фараонот и господар на целиот дом негов и кнез над целата египетска земја. Вратете се брзо кај таткото мој и кажете му: ‚Вака вели синот твој Јосиф – Бог ме постави за господар над целиот Египет; дојди кај мене, не одлагај. Ќе живееш во земјата Гесем, ќе бидеш близу до мене, ти и синовите твои, и внуците твои, и ситниот и крупниот твој добиток, и сѐ што е твое. А јас ќе се грижам ваму за прехраната твоја, зашто глад ќе има уште пет години, та да не загинеш ти, и синовите твои, и сѐ, што е твое.‘ И ете, гледате со очите ваши, и братот мој Венијамин со свои очи гледа дека мојата уста ова ви го зборува. Раскажете му на таткото мој за сета моја слава во Египет и за сѐ што видовте, па поскоро доведете го ваму таткото мој.“ Потоа го прегрна братот свој Венијамин и плачеше во прегратката негова. А и Венијамин плачеше за братот свој. И ги бакнуваше сите браќа свои и, прегрнувајќи ги, плачеше. Потоа неговите браќа разговараа со него.