Но Јуда пристапи до него и рече: „Господаре, дозволи да проговори слугата твој пред тебе и гневот твој нека не се истури на слугата твој, зашто ти си како и фараонот. Господарот мој ги праша слугите свои велејќи: ‚Имате ли татко или брат?‘ А ние му рековме на господарот наш: ‚Имаме стар татко и најмал брат, кој му се роди во староста; а неговиот брат умре, и тој остана сам од мајката своја, и таткото многу го сака!‘ А ти им рече на слугите твои: ‚Доведете го кај мене да го видат моите очи.‘ И ние му рековме на господарот наш: ‚Не ќе може детето да го остави таткото свој; ако го остави својот татко, тој ќе умре.‘ А ти им рече на слугите твои: ‚Ако не дојде со вас најмалиот ваш брат, нема повеќе да го видите лицето мое.‘ Па, кога се вративме кај слугата твој, таткото наш, му ги кажавме зборовите на господарот наш. Потоа ни рече таткото наш: ‚Одете пак, купете ни малку храна.‘ А ние рековме: ‚Не можеме да одиме; но, ако дојде со нас братот наш најмал, тогаш ќе одиме, зашто не можеме да го видиме лицето на оној човек, ако со нас не биде нашиот најмал брат.‘ А слугата твој, таткото наш, ни рече: ‚Знаете дека жената моја ми роди два сина. А еден од нив отиде од мене, и јас реков: Сигурно е растргнат, и јас досега не го видов. Ако и овој го земете од мене, па го снајде некоја неволја по патот, ќе ме турнете вака стар со тага в гроб.‘ И сега, ако отидам кај слугата твој, таткото наш, и да не биде со нас детето, со чија душа е приврзана неговата душа и кога ќе види дека го нема детето, ќе умре; и слугите твои ќе го турнат стариот слуга твој, таткото наш, со тага в гроб. А твојот слуга ја зеде одговорноста за детето пред таткото наш, велејќи: ‚Ако не ти го доведам, нека бидам виновен пред таткото свој довека.‘ Затоа јас, слугата твој, нека останам место детето, да му бидам роб на господарот мој, а детето нека си оди со браќата свои. Зашто, како ќе се вратам кај таткото свој, детето да не е со мене? Би го видел злото, што ќе го снајде мојот татко.“