Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 42:1-17

Создавање 42:1-17 MK2006

Кога Јаков чу дека во Египет има жито, им рече на своите синови: „Што чекате?“ „Ете, слушам дека во Египет има жито; одете таму и купете ни жито, за да останеме живи и да не умреме!“ И десетмината браќа Јосифови отидоа во Египет да купат жито. А Венијамин, братот Јосифов, Јаков не го пушти со браќата негови, велејќи: „За да не го снајде по патот некоја несреќа.“ И дојдоа синовите Израелови да купат жито заедно со другите што доаѓаа, бидејќи и во хананската земја владееше глад. А Јосиф беше управител во земјата; тој и му продаваше жито на сиот народ од таа земја. И браќата Јосифови, кога дојдоа, му се поклонија со лицето доземи. А Јосиф, штом ги виде браќата свои, ги позна; но се правеше како да не ги познава, и остро им проговори и рече: „Од каде сте дојдени?“ А тие одговорија: „Од хананската земја, да купиме храна.“ Јосиф, пак, ги позна браќата свои, но тие него не го познаа. И се сети Јосиф за соништата што ги беше сонил за нив, па им рече: „Вие сте разузнавачи. Сте дошле да ги извидите слабите места на оваа земја!“ А тие му рекоа: „Не сме, господаре, туку слуги твои, што дошле да купат храна; сите сме синови на еден човек, чесни луѓе сме; слугите твои никогаш не биле разузнавачи.“ Тој, пак, им рече: „Не, туку сте дошле да извидите каде е слабоста на оваа земја.“ А тие рекоа: „Ние слугите твои, бев­ме дванаесет браќа, синови на еден човек во хананската земја; и, ене, најмалиот денес е со таткото наш, а едниот го нема веќе.“ Тогаш Јосиф им дофрли: „Ви реков јас – вие сте разузнавачи. Туку вака сакам да се уверам: се колнам во животот на фараонот дека вие нема да излезете одовде, ако не дојде ваму најмалиот ваш брат. Испратете еден од вас, и тој нека го доведе вашиот брат; а вие ќе бидете задржани овде додека не видам дали е вистина тоа што го велите; инаку сте разузнавачи, жими животот на фара­о­нот!“ И ги стави под стража за три дена.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност