Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 41:1-57

Создавање 41:1-57 MK2006

А по две години сони сон фарао­нот – како стои крај една река. И одеднаш – од реката излегоа седум убави и дебели крави, па почнаа да пасат во мочуриштето; а по нив, потоа, од реката излегоа други седум крави, грди и слаби и застанаа кај другите крави на брегот. И грдите и слаби крави ги изедоа оние седум убави и дебели крави. Тогаш се разбуди фараонот. Потоа пак заспа и сони втор сон, а тоа – седум класја израснаа од едно стеб­ло, јадри и убави; а по нив израснаа седум празни, исушени од ветар. Потоа празните и исушените класја ги изедоа седумте големи и јадри класја. Тогаш фараонот се разбуди, но тоа беше сон. Утредента се вознемири душата негова, та нареди, и беа повикани сите гаталци египетски и сите мудреци. И фараонот им раскажа што сонил, но никој не се најде да го протолкува сонот на фараонот. Тогаш му проговори на фараонот главниот винар и рече: „Денес се сетив за гревот мој. Кога фараонот се налути на слугите свои и нѐ фрли в затвор во куќата на стражарскиот заповедник, мене и главниот пекар, сонувавме во иста ноќ јас и тој, но секој од нас свој сон видовме со свое значење. А таму со нас беше еден млад Ев­реин, слуга на заповедникот на стра­жата; ние му ги раскажавме соништата наши, а тој на секого од нас му го протолкува сонот. И како што ни кажа, така и стана: јас бев вратен на мојата служба, а оној другиот беше обесен.“ Тогаш фараонот нареди, та го повикаа Јосиф, и брзо го изведоа од затворот, а тој се потстрижа и се преоблече, па излезе пред фараонот. А фараонот му рече на Јосиф: „Сонив сон, а никој не може да ми каже што значи: а за тебе слушам дека умееш да толкуваш соништа.“ Јосиф му одговори на фараонот и рече: „Тоа не е од мене, туку Бог ќе му даде одговор на фараонот за негово добро.“ И му рече фараонот на Јосиф, ве­лејќи: „Сонив, како стојам крај брегот на реката; и одеднаш – од реката излегоа седум дебели и убави крави, па почнаа да пасат во мочуриштето; и ете, по нив други седум крави излегоа, многу грди и слаби во телото, не сум видел толку грди во целата земја египетска. И оние крави, слаби и грди, ги изедоа оние седум дебели. А кога им беа во стомакот, не се познаваше дека им се во стомакот, туку пак беа така грди како порано. Тогаш се разбудив. Па пак сонив, а тоа – седум класја израснаа од едно стебло, јадри и убави; а по нив израснаа седум тенки и празни класја, исушени од ветар. И празните класја ги проголтаа седумте убави класја. И сево ова им го раскажав на гаталците, но ниеден не знаеше да ми објасни.“ А Јосиф му рече на фараонот: „Со­нот фараонов е еден: Господ му јавува на фараонот, што ќе направи. Седумте убави крави се седум години, и седумте убави класја се пак седум години; обата сона се еден сон. Седумте слаби и грди крави, кои излегоа по оние, се седум години; и седумте класја празни и исушени од ветар се седум години глад. Тоа е она што веќе му го реков на фараонот: Бог му кажува на фараонот што ќе прави. Ете, ќе дојдат седум години многу родни по целата земја египетска; а по нив ќе настапат седум гладни години; ќе се заборави сето она изобилство во земјата египетска, и глад ќе настапи во земјата. И нема да се знае дека во земјата порано имало изобилие – поради гладот – што ќе дојде, зашто ќе биде многу голем. А тоа, што фараонот сонил двапати едноподруго, значи дека Божјиот збор е вистински и дека Бог наскоро ќе го направи тоа. А сега фараонот нека побара човек мудар и разумен, па да го постави над египетската земја. И нека заповеда фараонот да бидат поставени старешини по земјата, па да собираат петина од сите жетви по земјата египетска во текот на седумте родни години; нека собираат тие секаква зрнена храна во седумте родни години што доаѓаат; житото да го собираат во градовите со овластување од фараонот и храната во градовите да се чува. И таа храна да биде запазена за седумте гладни години што ќе настапат во египетската земја, за да не пропадне земјата од глад.“ Ова му се допадна на фараонот и на сите слуги негови. Па им рече фараонот на слугите свои: „Зар можеме да најдеме човек, како што е овој, во кого има Божји дух?“ И му рече фараонот на Јосиф: „Бидејќи Бог тебе ти го откри сево ова, значи дека нема човек толку мудар и разумен како што си ти. Ти ќе бидеш над домот мој, и целиот народ мој ќе го слуша твојот збор; само со престолот ќе бидам поголем од тебе.“ И уште му рече фараонот на Јосиф: „Еве, те поставувам денес тебе над целата египетска земја.“ И го извади фараонот прстенот од раката своја и му го стави на Јосиф на рака, и го облече во облека од најфина ткаенина, и му стави златна веришка околу вратот. И заповеда да го возат во неговата втора кола, а гласник пред него да извикува: „Аврех!“ И го постави над целата земја египетска. И фараонот му рече на Јосиф: „Јас сум фараон, но без тебе никој нема да крене рака, ни нога во целата земја египетска.“ И го нарече фараонот Јосиф Цафенат-Панеах; и го ожени со Асената, ќерката на Потифера, свештеник од Он. А Јосиф имаше триесет години, кога се претстави пред фараонот, царот египетски. И, откако отиде од фараонот, тој ја обиколи целата земја египетска. И за седум родни години земјата роди во изобилство. И собираше Јосиф за тие седум години секаков вид жито, што го даваше египетската земја, и го носеше житото во градовите; во секој град го носеше житото од околните ниви. Така насобра Јосиф многу жито, колку што е песокот морски, така што престанаа да го мерат, зашто немаше број. А пред да настанат гладните години, му се родија на Јосиф два сина, кои му ги роди Асената, ќерката на Потифера, свештеник од Он. И на првородениот Јосиф му стави име Манасија, велејќи: „Зашто Бог ми овозможи да ги заборавам несреќите мои и целиот дом на мојот татко.“ А вториот го нарече Ефрем, велејќи: „Бидејќи Бог ме направи плоден во земјата на маките мои.“ Но изминаа седумте родни години во египетската земја, и настапија седумте гладни години, како што беше рекол Јосиф. И настана глад по сите земји, а во целата египетска земја имаше леб. Но, кога почна да гладува и египетската земја, народот му бараше на фараонот леб. А фараонот им рече на сите Египќани: „Одете кај Јосиф, па како што ќе каже тој, така правете.“ А кога гладот се прошири во целата земја, ги отвори Јосиф сите житници и почна да им продава на Египќаните жито, бидејќи настана голем глад во египетската земја. И од сите земји доаѓаа во Египет да купуваат жито од Јосиф, зашто настана голем глад по целата земја.