А Јосиф го одведоа во Египет. И Потифар, дворјанинот фараонов, заповедник на стражата, Египќанец, го купи од Јишмаелците, кои го доведоа таму. И Господ беше со Јосиф, та затоа беше среќен, и живееше во куќата од господарот свој, Египќанецот. И господарот негов виде дека е Господ со него и дека сѐ што работеше тој, Господ правеше да успева во рацете негови. И Јосиф се здоби со милост кај него, и му служеше. Тој го постави над целиот свој дом, и сѐ што имаше, го предаде во рацете негови. А кога го постави над домот свој и над сѐ што имаше, оттогаш Господ го благослови домот на Египќанецот заради Јосиф; и благословот Господов беше над сѐ, што имаше во домот свој и во полето. И остави во Јосифовите раце сѐ што имаше, и не се грижеше веќе за друго, освен за лебот што го јадеше. А Јосиф беше со стројна става и со убаво лице. И се случи, по некое време, жената на господарот негов да се загледа во Јосиф, и му рече: „Легни со мене!“ А тој одби и ѝ рече на жената од господарот свој: „Ете, господарот мој не се грижи веќе за ништо што има во куќата, туку сѐ што има, ми го предаде мене во рацете. Ни самиот не е поголем од мене во својот дом; и тој ништо не ми забранил, освен тебе, зашто си му жена; па како јас да направам толку големо зло и да згрешам пред Бога?“ И така таа му зборуваше на Јосиф за тоа секој ден, но тој не ја послуша да легне со неа, ниту се задржуваше кај неа. Се случи еден ден тој да дојде во куќата по своја работа, а таму дома да нема никој од домашните. Тогаш таа го фати за облеката и му рече: „Легни со мене!“ Но тој, оставајќи ја облеката своја во рацете нејзини, избега и си отиде. А таа, кога виде дека тој ја остави во рацете нејзини облеката своја и избега, ги викна своите домашни, па им рече, велејќи: „Гледајте, ни довел човек Евреин за да нѐ срамоти! Дојде кај мене за да легне со мене, но јас извикав на сиот глас. А тој, кога чу дека го подигнав гласот и извикав, ја остави облеката своја кај мене и избега, па си отиде.“ И таа ја задржа облеката негова кај себе, додека си дојде господарот во домот свој. А тогаш и нему му ја кажа истата работа, велејќи: „Слугата, Евреинот, што го доведе кај нас, дојде кај мене да ме срамоти. Но кога чу дека подигнав глас и извикав, тој ја остави облеката своја кај мене и избега.“ Кога ги чу господарот негов зборовите на жената своја, која му рече: „Ова ми го направи слугата твој“ – се разгневи многу. И го фати господарот Јосиф, па го фрли в затвор, каде што лежеа царските затвореници.
И тој остана таму, во затворот. Но Господ беше со Јосиф и ја излеа милоста Своја над него и направи да му омили на управникот на затворот. И началникот на затворот му ги довери на Јосиф сите затвореници во затворот; и над сѐ што таму се работеше, тој беше наредбодавец. И старешината на затворот не надгледуваше ништо што беше во Јосифовите раце, зашто Господ беше со него; и сѐ што работеше тој, Господ правеше да успева.