Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 39:1-10

Создавање 39:1-10 MK2006

А Јосиф го одведоа во Египет. И Потифар, дворјанинот фараонов, заповедник на стражата, Египќанец, го купи од Јишмаелците, кои го доведоа таму. И Господ беше со Јосиф, та затоа беше среќен, и живееше во куќата од господарот свој, Египќанецот. И господарот негов виде дека е Господ со него и дека сѐ што работеше тој, Господ правеше да успева во рацете негови. И Јосиф се здоби со милост кај него, и му служеше. Тој го постави над целиот свој дом, и сѐ што имаше, го предаде во рацете негови. А кога го постави над домот свој и над сѐ што имаше, оттогаш Господ го благослови домот на Египќанецот заради Јосиф; и благословот Господов беше над сѐ, што имаше во домот свој и во полето. И остави во Јосифовите раце сѐ што имаше, и не се грижеше веќе за друго, освен за лебот што го јадеше. А Јосиф беше со стројна става и со убаво лице. И се случи, по некое време, жената на господарот негов да се загледа во Јосиф, и му рече: „Легни со мене!“ А тој одби и ѝ рече на жената од господарот свој: „Ете, господарот мој не се грижи веќе за ништо што има во куќата, туку сѐ што има, ми го предаде мене во рацете. Ни самиот не е поголем од мене во својот дом; и тој ништо не ми забранил, освен тебе, зашто си му жена; па како јас да направам толку големо зло и да згрешам пред Бога?“ И така таа му зборуваше на Јосиф за тоа секој ден, но тој не ја послуша да легне со неа, ниту се задржуваше кај неа.