Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 30:1-24

Создавање 30:1-24 MK2006

Рахила, гледајќи дека не му раѓа деца на Јаков, ѝ позавиде на сестрата своја, па му рече на Јаков: „Дај ми деца, ако не – јас ќе умрам!“ А Јаков ѝ се налути на Рахила, и ѝ рече: „Зар јас сум тој, а не Бог, што не ти дал плод на утробата?“ А таа рече: „Ене ја слугинката моја Билха; влези кај неа; нека ми роди таа в скут, па јас ќе имам деца од неа.“ И му ја даде Билха, слугинката своја, за жена, и Јаков влезе кај неа. И Билха зачна, и му роди на Јаков син. А Рахила рече: „Бог ми пресуди и го чу гласот мој, та ми даде син.“ Затоа му стави име Дан. И Билха, слугинката на Рахила, пак зачна, и му роди втор син на Јаков. А Рахила рече: „Со Божја помош жестоко се борев со сестрата моја, но победив.“ И му кладе име Нефталим. А Лија, гледајќи дека престана да раѓа, ја зеде слугинката своја Зелфа и му ја даде на Јаков за жена. И зачна Зелфа, слугинката на Лија, и му роди на Јаков син. Тогаш Лија рече: „Дојде среќата моја.“ Па го нарече Гад. Му роди Зелфа, слугинката на Лија, на Јаков и втор син. И Лија рече: „Блазе мене, зашто блажена ќе ме нарекуваат жените!“ Затоа му стави име Асир. А кога се жнееше пченицата, излезе Рувим во полето и најде мандрагори, па ѝ ги донесе на мајка си Лија. А Рахила ѝ рече на Лија, сестрата своја: „Дај ми од мандрагорите на синот твој!“ Таа, пак, рече: „Малку ли ти беше што ми го зеде мажот? Сакаш да ми земеш и од мандрагорите на синот мој?“ Рахила ѝ одговори: „Тогаш нека легне ноќеска со тебе за мандрагорите од синот твој.“ И вечерта, кога Јаков се враќаше од полето, му излезе Лија во пресрет и рече: „Влези кај мене, зашто те откупив за мандрагорите од синот мој!“ И легна тој со неа таа ноќ. А Бог ја слушна Лија, и таа зачна, па му го роди на Јаков петтиот син. И Лија рече: „Бог ми даде награда, зашто му ја дадов слугинката своја на мажот мој.“ И му даде име Исахар. И пак зачна Лија, и му го роди на Јаков шестиот син. И рече Лија: „Бог ме награди со убав дар, па сега ќе живее со мене мажот мој, бидејќи му родив шест синови.“ Затоа го нарече Завулон. Потоа роди ќерка и ѝ стави име Дина. Но Бог си спомна и за Рахила. И ја послуша Бог, па ја отвори утробата нејзина. Таа зачна и роди син, па рече: „Бог го отстрани од мене срамот мој.“ И му даде име Јосиф, велејќи: „Бог ќе ми даде и друг син.“