Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 18:9-33

Создавање 18:9-33 MK2006

Тогаш Тие го прашаа: „Каде е Сара, жената твоја?“ А тој одговори: „Ене ја во шаторот.“ Еден, пак, од нив му рече: „Догодина во ова време, Јас пак ќе дојдам кај тебе, и Сара, жената твоја ќе има син.“ А Сара слушаше на вратата од шаторот, зад него. Авраам и Сара беа стари – во поодминати години, и кај Сара беше престанало редовното кај жените. Затоа Сара се насмеа во себе, ве­лејќи: „Сега ли, кога сум остарена, ќе ја имам оваа утеха? А и господарот ми е стар.“ Тогаш Господ му рече на Авраам: „Зошто се насмеа Сара, велејќи – Вистина ли е дека ќе родам, кога сум остарена? Има ли нешто неможно за Господ? Во определеното време Јас пак ќе дојдам кај тебе, и Сара ќе има син.“ Но Сара не призна и рече: „Не се насмеав“, бидејќи се беше уплашила. А Тој рече: „Не, ти се насмеа!“ Потоа луѓето станаа и тргнаа кон Содом, а и Авраам појде со нив да ги испрати. А Господ рече: „Ќе кријам ли од Авраам што сакам да направам? Та од Авраам ќе излезе голем и силен народ, и преку него ќе бидат благословени сите народи на земјата. Затоа што го избрав за да им за­поведа на синовите свои, и на домот свој по себе, да одат по патот Господов и да извршуваат правда и суд, и Господ ќе го исполни она, што му го вети на Авраам.“ И Господ рече: „Голем викот е против Содом и Гомора, зашто гревовите нивни се претешки. Затоа ќе слезам да видам дали е тоа токму така, како што доаѓа викот до Мене, или не.“ Оттаму луѓето тргнаа кон Содом, додека Авраам уште стоеше пред лицето на Господ. Тогаш Авраам се приближи и рече: „Зарем ќе го уништиш и праведниот со неправедниот? Можеби во градот има педесетмина праведници; зарем ќе го погубиш и нема да му простиш на тоа место заради оние педесет праведници, што се во него? Не е можно така да постапиш Ти, да погубиш праведни со неправедни заедно, та исто да се случи со праведникот како и со неправедникот; не може да биде тоа од Тебе; зарем Суди­јата на целата земја нема да суди право?“ И Господ рече: „Ако во градот Содом најдам педесетмина праведници, ќе го поштедам градот и целото место заради нив.“ А Авраам одговори и рече: „Еве, се осмелив да Му проговорам на Господ, иако сум земја и пепел. Можеби има праведници за пет помалку од педесет; зарем заради тие пет ќе го сотреш целиот град?“ Тој од­говори: „Нема тоа да го направам, ако најдам четириесет и пет.“ И го продолжи разговорот со Него и рече: „Можеби ќе се најдат таму четириесет?“ Тој, пак, одговори: „Нема да го направам ни поради тие чети­риесет.“ Потоа рече: „Нека не се налути Господ, ако речам – можеби ќе се најдат триесет?“ – Тој рече: „Нема да го на­правам, ако најдам триесет.“ И пак рече: „Еве, се осмелувам одново да Му проговорам на Господ – можеби ќе се најдат дваесет?“ „Нема да го уништам – рече – ни заради тие дваесет.“ Најпосле рече: „Нека не се налути, Господ, ако уште еднаш проговорам – можеби ќе се најдат десет?“ – Тој рече: „Нема да го уништам ни заради оние десет.“ И Господ замина, откако престана да зборува со Авраам; а Авраам се врати во своето место.