Потоа на Авраам му се јави Господ кај светите дрвја во Мамре, кога седеше пред вратата од шаторот свој, на пладнина. Откако ги крена очите свои, виде Тројца мажи како стојат спроти него. Откако ги виде, им притрча во пресрет пред вратата на шаторот, и им се поклони доземи. И рече: „Господи, ако сум нашол милост пред Тебе, немој да го одминеш слугата Свој! Ќе ви донесат малку вода и ќе ги измијат нозете ваши, па одморете се малку под ова дрво! И ќе Ви донесам малку леб за да се поткрепите штом веќе навративте кај слугата Ваш, па тогаш продолжете го својот пат.“ Тие рекоа: „Направи, како што велиш!“ И Авраам отрча во шаторот кај Сара, и ѝ рече: „Замеси брзо три мери од најдоброто брашно и испечи погачи!“ Па отрча кај говедата и фати младо и згоено теле, и му го даде на момокот, и тој побрза да го зготви. Па потоа изнесе масло и млеко и телето, што беше зготвено, и им принесе; и Тие јадеа, а тој самиот стоеше пред нив под дрвото. Тогаш Тие го прашаа: „Каде е Сара, жената твоја?“ А тој одговори: „Ене ја во шаторот.“ Еден, пак, од нив му рече: „Догодина во ова време, Јас пак ќе дојдам кај тебе, и Сара, жената твоја ќе има син.“ А Сара слушаше на вратата од шаторот, зад него. Авраам и Сара беа стари – во поодминати години, и кај Сара беше престанало редовното кај жените. Затоа Сара се насмеа во себе, велејќи: „Сега ли, кога сум остарена, ќе ја имам оваа утеха? А и господарот ми е стар.“ Тогаш Господ му рече на Авраам: „Зошто се насмеа Сара, велејќи – Вистина ли е дека ќе родам, кога сум остарена? Има ли нешто неможно за Господ? Во определеното време Јас пак ќе дојдам кај тебе, и Сара ќе има син.“ Но Сара не призна и рече: „Не се насмеав“, бидејќи се беше уплашила. А Тој рече: „Не, ти се насмеа!“