Аврам имаше деведесет и девет години кога му се јави Господ и му рече: „Јас сум Ел-Шадај – Бог семоќен, чекори по Мојот пат и биди непорочен! И ќе склучам завет меѓу Мене и тебе, и многу, премногу ќе те размножам.“ Аврам падна ничкум. А Бог продолжи да му говори и му рече: „А ова е заветот Мој со тебе: ќе станеш татко на многу народи. Затоа повеќе нема да се викаш Аврам, туку името ќе ти биде Авраам, бидејќи ќе те направам татко на многу народи; и многу, премногу ќе те умножам, и ќе издигнам од тебе многу народи, и цареви ќе произлезат од тебе. И ќе го поставам заветот Мој меѓу Мене и тебе и меѓу твоите потомци по тебе во нивните родови; ќе направам завет вечен, и ќе ти бидам Бог тебе и на потомците твои по тебе. И ќе ти ја дадам тебе и на потомството твое по тебе земјата, во која сега си доселеник, целата земја хананска во вечно владеење; и ќе им бидам Бог.“ И му рече Бог на Авраам: „Ти, пак, чувај го заветот Мој, ти и потомството твое по тебе во нивните родови! Ова е заветот Мој меѓу Мене и вас и потомците твои, што ќе го чувате: секое машко од вас нека биде обрезано. А ќе обрезувате крајче од телото свое; тоа ќе биде знак на заветот меѓу Мене и вас. Секое машко дете кога ќе наполни осум дена по раѓањето, низ целото ваше потомство, да биде обрезано: и роб роден во вашиот дом, и оној што ќе биде купен од странец, а не е од семето твое, со обрезание ќе се обрезе робот од твојот дом и купениот. Да, и робот роден во домот твој, и купениот мораат да бидат обрезани, и така Мојот завет на вашето тело ќе остане вечен. А необрезаното машко, на кое не ќе му се обрезе крајче од телото негово, да се истреби од родот свој; таквиот го нарушил заветот Мој.“ И му рече уште Бог на Авраам: „А Сараја, жената твоја, не ја викај повеќе Сараја, туку името нека ѝ биде Сара. Јас ќе ја благословам, и ќе ти дадам син од неа; ќе ја благословам, и народи ќе потекнуваат од неа, и цареви на народи ќе излезат од неа.“ Тогаш падна Авраам ничкум и се насмеа, велејќи во себе: „Како може на човек од сто години да му се роди син? Зарем Сара на деведесет години ќе роди?“ И Авраам Му рече на Бога: „О, барем Исмаил да биде жив пред лицето Твое!“ А Бог рече: „Навистина, Сара, жената твоја, ќе ти роди син и ќе го наречеш со името Исак; и ќе направам заветот Мој со него да биде завет вечен, и на потомството негово по него. А и за Исмаил те послушав; еве, го благословувам, и ќе го направам плоден, и многу ќе го умножам, многу; и ќе роди дванаесет кнезови, и од него ќе произлезе голем народ. А заветот Мој со Исак ќе го направам кога ќе ти го роди Сара, догодина во ова време.“ Па, откако Бог го изговори тоа, се издигна Бог од Авраам. Авраам, пак, го зеде Исмаил, синот свој, и сите родени во домот негов, и сите купени, и сите машки домашни, им обреза крајче од телото нивно во истиот ден, како што му рече Бог. Авраам имаше деведесет и девет години кога му беше обрезано крајче од телото негово. А Исмаил, синот негов, имаше тринаесет години кога му беше обрезано крајче од телото негово. Во истиот ден беа обрезани Авраам и син му Исмаил, а со него заедно беа обрезани и сите домашни машки, како робовите, родени во неговиот дом, така и купените од туѓинци.