Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Создавање 17:1-22

Создавање 17:1-22 MK2006

Аврам имаше деведесет и девет години кога му се јави Господ и му рече: „Јас сум Ел-Шадај – Бог семоќен, чекори по Мојот пат и биди непорочен! И ќе склучам завет меѓу Мене и тебе, и многу, премногу ќе те раз­множам.“ Аврам падна ничкум. А Бог про­должи да му говори и му рече: „А ова е заветот Мој со тебе: ќе станеш татко на многу народи. Затоа повеќе нема да се викаш Аврам, туку името ќе ти биде Авраам, бидејќи ќе те направам татко на многу народи; и многу, премногу ќе те умножам, и ќе издигнам од тебе многу народи, и цареви ќе произлезат од тебе. И ќе го поставам заветот Мој меѓу Мене и тебе и меѓу твоите потомци по тебе во нивните родови; ќе направам завет вечен, и ќе ти бидам Бог тебе и на потомците твои по тебе. И ќе ти ја дадам тебе и на потомството твое по тебе земјата, во која сега си доселеник, целата земја хананска во вечно владеење; и ќе им бидам Бог.“ И му рече Бог на Авраам: „Ти, пак, чувај го заветот Мој, ти и потомството твое по тебе во нивните родови! Ова е заветот Мој меѓу Мене и вас и потомците твои, што ќе го чувате: секое машко од вас нека биде обрезано. А ќе обрезувате крајче од телото свое; тоа ќе биде знак на заветот меѓу Мене и вас. Секое машко дете кога ќе наполни осум дена по раѓањето, низ целото ваше потомство, да биде обрезано: и роб роден во вашиот дом, и оној што ќе биде купен од странец, а не е од семето твое, со обрезание ќе се обрезе робот од твојот дом и купениот. Да, и робот роден во домот твој, и купениот мораат да бидат обрезани, и така Мојот завет на вашето тело ќе остане вечен. А необрезаното машко, на кое не ќе му се обрезе крајче од телото негово, да се истреби од родот свој; таквиот го нарушил заветот Мој.“ И му рече уште Бог на Авраам: „А Сараја, жената твоја, не ја викај повеќе Сараја, туку името нека ѝ биде Сара. Јас ќе ја благословам, и ќе ти дадам син од неа; ќе ја благословам, и народи ќе потекнуваат од неа, и цареви на народи ќе излезат од неа.“ Тогаш падна Авраам ничкум и се насмеа, велејќи во себе: „Како може на човек од сто години да му се роди син? Зарем Сара на деведесет години ќе роди?“ И Авраам Му рече на Бога: „О, барем Исмаил да биде жив пред лицето Твое!“ А Бог рече: „Навистина, Сара, жената твоја, ќе ти роди син и ќе го наречеш со името Исак; и ќе направам заветот Мој со него да биде завет вечен, и на потомството негово по него. А и за Исмаил те послушав; еве, го благословувам, и ќе го направам плоден, и многу ќе го умножам, многу; и ќе роди дванаесет кнезови, и од него ќе произлезе голем народ. А заветот Мој со Исак ќе го направам кога ќе ти го роди Сара, догодина во ова време.“ Па, откако Бог го изговори тоа, се издигна Бог од Авраам.