Но Сараја, жената на Аврам, не му раѓаше. А имаше таа слугинка Египќанка, по име Агара. И му рече Сараја на Аврам: „Ете, Господ ми ја затвори утробата за да не раѓам; туку влези кај слугинката моја, можеби ќе добијам деца од неа.“ И Аврам ги послуша зборовите Сарајини. И така, откако Аврам преседе десет години во земјата хананска, Сараја, жената Аврамова, ја зеде слугинката своја, Египќанката Агара, и му ја даде на мажот свој Аврам за жена. И тој влезе кај Агара, и таа зачна; а кога виде дека зачна, ја презре господарката своја. А Сараја му рече на Аврам: „Навредата моја е вина твоја; јас ти ја препуштив во прегратки слугинката моја, а таа, откако разбра дека зачна, започна да ме презира. Господ нека суди меѓу мене и тебе!“ Тогаш Аврам ѝ рече на Сараја: „Ете, слугинката твоја е во твои раце, прави со неа што сакаш!“ И Сараја почна да ја угнетува, и таа избега од неа. Но ангел Господов ја најде кај изворот во пустината, кај изворот на патот за Сур. И ѝ рече: „Агаро, слугинко Сарајина, од каде доаѓаш и каде одиш?“ А таа рече: „Бегам од Сараја, господарката моја.“ Ангелот Господов пак ѝ рече: „Врати се кај господарката твоја и покори ѝ се!“ И ангелот Господов уште рече: „Ќе го умножам многу потомството твое, така што не ќе може да се изброи.“ И пак ѝ рече ангелот Господов: „Ете, ти си бремена и ќе родиш син, и ќе го наречеш со името Исмаил; бидејќи Господ ја чу маката твоја. Тој ќе биде силен како диво магаре: раката негова ќе се крева против секого, и сечија рака ќе се крева против него; и ќе живее пред лицето на сите браќа свои.“ Тогаш таа Го нарече Господа, Кој ѝ зборуваше: „Ти си Ел-Рои – Бог што гледа сѐ“, зашто рече: „Пред себе Го видов Бога и останав жива!“ Заради тоа тој извор се нарече Беер Лахај Рои – „Извор на живиот Кој ме гледа“, а се наоѓа меѓу Кадис и Беред. И му роди Агара на Аврам син; и му стави Аврам на синот свој, кого го роди Агара, име Исмаил.