О неразумни Галатјани! Кој ве маѓепса (та не се покорувате на вистината) вас, пред чии очи Исус Христос беше јасно насликан распнат меѓу вас? Само ова сакам да го дознаам од вас: преку делата на Законот ли го добивте Духот или преку пораката на верата? Толку ли сте неразумни? Откако почнавте со Духот, со телото ли сега завршувате? Зарем залудо толку многу претрпевте? Да беше само залудо! Оној, пак, Кој ви Го дарува Духот и прави меѓу вас чудеса, преку делата на Законот ли го прави тоа, или преку пораката на верата?
Така, Авраам Му поверува на Бога, и тоа му се сметаше за праведност. Знајте, пак, дека оние што се потпираат на верата, се синови Авраамови. И Писмото, предвидувајќи дека Бог преку вера ги оправдува незнабошците, однапред му благовести на Авраам: „Во тебе ќе бидат благословени сите народи.“ И така, оние што веруваат, се благословени заедно со верниот Авраам; а сите оние, што се од делата на Законот, под клетва се. Зашто е напишано: „Проклет да е секој кој не исполнува постојано сѐ што е напишано во книгата на Законот!“ А дека преку Законот никој не се оправдува пред Бога, се знае, зашто „Праведниот ќе живее преку верата.“ А Законот не е од верата, туку зборува: „Кој ќе ги исполни овие работи, тој ќе биде жив преку нив.“ Христос нѐ откупи од проклетството на Законот, откако поради нас стана проклетство, бидејќи е напишано: „Секој да е проклет што виси на дрво!“, така што благословот даден на Авраам да дојде преку Исус Христос врз незнабошците, за да Го добиеме ветениот Дух преку верата.