А, пак, оние за кои се мисли дека значат нешто – какви и да биле тие некогаш, мене ми е сеедно, Бог не го гледа човекот по лице – тие ништо не ми дадоа. Туку, напротив, кога видоа дека мене ми е доверено да го проповедам Евангелието на необрезаните, како на Петар – на обрезаните, зашто Оној, Кој дејствуваше врз Петар да врши апостолска служба меѓу обрезаните, дејствуваше и врз мене за апостолска служба меѓу незнабошците и кога ја познаа благодатта што ми е дадена, Јаков, Кифа и Јован, кои беа сметани за столбови, ни ја подадоа мене и на Варнава раката за заедништво и се согласија ние да одиме кај незнабошците, а тие – кај обрезаните. Посакаа само да ги помниме сиромасите, за што се погрижив и точно да го исполнам.
А кога дојде Кифа во Антиохија, јас лично му се спротивставив, зашто беше заслужил осудување. Имено, пред да пристигнат некои од Јаков, тој јадеше заедно со незнабошците; а кога дојдоа, почна да се снебива и да се двои, бидејќи се плашеше од обрезаните. Заедно со него лицемереа и другите Јудејци, така што со нивното лицемерие беше заведен дури и Варнава. А кога видов дека тие не постапуваат точно според Евангелската вистина, му реков на Кифа пред сите: „Кога ти, кој си Јудеец, живееш како незнабошците, а не како Јудејците, зошто тогаш незнабошците ги принудуваш да живеат јудејски?“ Ние сме родени како Јудејци, а не грешници од незнабошците. Но знаеме дека човекот не се оправдува преку делата на Законот, туку само преку верата во Христос Исус. Затоа и ние поверувавме во Исус Христос, за да се оправдаме преку верата во Христос, а не преку делата на Законот; зашто преку делата на Законот нема никој да се оправда. Ако, пак, барајќи да се оправдаме во Христос, и сами се најдовме грешници, не е ли тогаш Христос слуга на гревот? Тоа никако! Зашто, ако одново го градам она што сум го урнал, тогаш и сам станувам престапник; преку Законот умрев за Законот, за да живеам за Бога. Се распнав заедно со Христос; и јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене. А тоа што сега живеам во тело, живеам со верата во Синот Божји, Кој ме возљуби и Себе се предаде за мене. Не ја отфрлам благодатта Божја; зашто ако праведноста се придобива преку Законот, тогаш Христос залудо умрел.