Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Ездра 4:1-24

Ездра 4:1-24 MK2006

Непријателите Јудини и Венијаминови слушнаа дека вратените од пленството градат храм на Господ, Бог Израелов; и дојдоа кај Зоровавел и кај погла­варите на родовите и им рекоа: „Да градиме и ние со вас, зашто и ние како вас Му се поклонуваме на вашиот Бог, и Нему Му принесуваме жртви од дните на Есар-Хадон, аси­рскиот цар, кој нѐ пресели овде.“ Зоровавел, Јешуа и другите кнезови на родовите израелски им одговорија: „Не може да градите заедно со нас дом на нашиот Бог; ние сами ќе градиме дом на Господ, Бог Израелов, како што ни заповеда Кир, царот персиски.“ Тогаш народот на онаа земја, почна да му ги ослабува рацете на јудејскиот народ и да му пречи во градењето; и поткупуваа советници против нив за да ја расипуваат намерата нивна во текот на сето време од владеењето на Кир, царот персиски, до царувањето на Дариј, цар персиски. А кога царуваше Ксеркс, на поче­токот од неговото царување, напишаа обвинение против жителите на Јудеја и на Ерусалим. Исто така во дните на Артаксеркс пишуваа и Бишлам и Митредат, и Та­вел и други нивни другари до Артак­серкс, царот персиски. Писмо­то беше напишано со арамејско писмо и на ара­мејски јазик. Рехум, царскиот помошник и Шим­шај, секретарот, напишаа вакво писмо против Ерусалим до царот Артаксеркс: Од Рехум, царскиот помошник, Шимшај – писар и останатите нивни соработници; жителите од Дин, Афа­рсатах, Тарпел, Афарес, Ерех, Вавилон, Суза, Деха, Елам, и останатите народи што ги пресели големиот и славниот Оснапар и ги насели во градовите на Самарија и во другите градови на самарјанската об­ласт од онаа страна на Реката. Еве препис од писмото што му го испратија нему: „До царот Артак­серкс, твоите слуги, луѓето што живеат од онаа страна на Реката ти праќаат поздрав. Да знаеш, царе, дека Јудејците што излегоа од тебе и дојдоа кај нас во Ерусалим, тој бунтовен и лош град, прават ѕидови, чии темели веќе ги поправија. Но да знаеш, царе, дека ако тој град биде изграден и ѕидиштата негови обно­вени, тие нема да плаќаат ни данок, ни летнина, ни царина, и царската ризница ќе има загуба. А бидејќи јадеме леб од царскиот дворец, и не можеме да ја гледаме таа загуба за царот, затоа испраќаме известување до царот. Нека се побара во книгата на лето­писите на твоите предци, и ќе се најде во таа летописна книга и ќе се дознае дека овој град е град одметник и пако­сен за царевите и областите и дека во него настанувале бунтови во старо време, поради што овој град бил опустошен. Затоа му соопштуваме на царот дека, ако овој град биде изграден и ѕидиштата негови поправени, нема да имаш власт од онаа страна на Реката.“ Царот му испрати одговор: „До Ре­хум, царскиот помошник, и до Шимшај, писарот, и до другите нивни соработници што живеат во Самарија и во дру­гите градови од онаа страна на Реката, поздрави. Писмото што ми го испративте, ми беше јасно прочитано. Затоа јас наредив да се побара, и пронајдоа дека овој град уште од старо време се бунтувал против царевите, и во него имало одметнувања и немири. Во Ерусалим имало силни цареви, кои владееле во целата задречна област и кои земале данок, летнина и царина. И така, дајте заповед, тие луѓе да престанат да работат, и тој град да не се гради, додека не заповедам јас. Бидете внимателни за да не ис­пуштите нешто од пред очите свои. Зошто да се дозволува да расте злото на штета на царевите?“ Штом писмото на царот Арта­ксеркс беше прочитано пред Рехум и Шимшај, писарот, и другарите нивни, тие без одлагање отидоа во Ерусалим кај Јудејците и насилно им ја забранија работата. Тогаш сопреа работите околу Божјиот храм во Ерусалим, сѐ до втората година од царувањето на персискиот цар Дариј.