Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Езекиел 39

39
Пораз на Гог
1Ти, сине човечки, изречи пророштво против Гог и кажи – ва­ка вели Господ Бог: „Еве, Јас сум против тебе, Гог, кнезу на Рош, Мешех и Тувал. 2Ќе те вратам и ќе те поведам, ќе те изведам од северните предели и ќе те доведам на планините израелски. 3Ќе го исфрлам лакот од твојата лева рака и ќе ти ги исфрлам стрелите од твојата десна рака. 4Ќе паднеш на израелските планини, ти и твоите полкови и народите што ќе бидат со тебе; ќе дозволам да те изедат секакви грабливи птици и ѕверови пол­ски. 5Ќе паднеш на откриено поле, зашто Јас го реков тоа, вели Господ Бог. 6#Откр 20,9И ќе испратам оган врз земјата Ма­гог и врз жителите на островите, кои живеат безгрижно, па ќе познаат дека Јас сум Господ. 7Ќе го покажам Своето свето име меѓу Мојот народ Израел и нема веќе да дозволам во иднина да се сквернави името Мое свето, па ќе познаат народите дека Јас сум Господ, Светецот Израелов. 8Ете, тоа ќе дојде и ќе се збидне, вели Господ Бог, тоа е денот, за кој ви зборував. 9#Пс 46,9Тогаш жителите на градовите израелски ќе излезат, ќе запалат оган и ќе го изгорат оружјето, штитовите и заштитниците, лаковите и стрелите, боздоганите и копјата: седум години ќе ги горат. 10И нема да носат дрва од полето, ниту пак ќе сечат од горите, туку ќе го горат само оружјето; ќе ги ограбат своите грабители и ќе ги оберат своите обирачи, вели Господ Бог.
Крајот на Гог
11Во тој ден ќе му дадам на Гог место за гробница кај Израел во долината на патниците, источно од морето, и таа та­му ќе ги задржува патниците: таму ќе го погребуваат Гог и сета негова војска, а ќе ја наречат Долината на Гоговиот народ. 12Домот Израелов ќе ги погребува се­дум месеци, за да ја очисти земјата. 13И сиот народ од земјата ќе ги пог­ребува, и за нив тој ден ќе биде знаменит, во кој Себе ќе се прославам, ве­ли Господ Бог. 14И ќе определат луѓе, кои постојано ќе го обиколуваат пределот и со помош на патниците да се погребуваат другите по лицето земјино, – за да ја очистат; по седум месеци тие ќе почнат да бараат. 15И кога некој од оние, што ќе минуваат по земјата, ќе види човечка коска, ќе стави до неа знак, додека погребувачите не ја закопаат во Долината на Гоговиот народ. 16Таму ќе има и град по име Хамона. Така ќе го очистат тие пределот.“ 17#Откр 19,17-18А ти, пак, сине човечки, – така вели Господ – кажи им на сите видови птици и на сите ѕверови полски: соберете се и дојдете, побрзајте од сите краишта кон Мојава жртва, што Јас ќе ја заколам за вас, кон големата жртва на планините израелски, и ќе јадете месо и ќе пиете крв; 18месо од силни мажи ќе јадете и ќе пиете крв од кнезови земни, од овни, од јагниња, од козли и од телиња – сите тие се згоени во Башан, 19ќе јадете мрснотија до наситување и ќе пиете крв до опивање од Мојата жртва, што Јас ќе ја заколам за вас. 20И на Мојата трпеза ќе се наситите на коњи и коњаници, на мажи силни, на секаков вид воени лица, вели Господ Бог.
Обнова на Израел
21Ќе ја покажам славата Своја меѓу народите и сите народи ќе го видат Мојот суд, што Јас ќе го извршам, и Мојата рака, што Јас ќе ја кренам врз нив. 22И ќе разбере домот Израелов дека Јас сум Господ Бог нивни од денес и натаму. 23Ќе познаат народите дека домот Израелов беше преселен поради својата неправда; зашто тие постапија неверно пред Мене, Јас го сокрив од нив лицето Мое и ги предадов во рацете на непријателите нивни, и тие сите паднаа од меч. 24Поради нечистотиите нивни и поради гревовите нивни Јас го направив тоа со нив и го сокрив од нив лицето Мое. 25Затоа вака вели Господ Бог: сега ќе ги вратам плениците на Јаков, ќе се смилувам над сиот дом Израелов и ќе бидам љубоморен на Моето свето име. 26Па ќе го почувствуваат тие своето бесчестие и сите свои беззаконија што ги вршеа пред Мене, кога ќе живеат во земјата своја во мир, ќе заживеат спо­којно, и нема никој да ги заплашува, 27кога ќе ги вратам откај народите и ги соберам од земјите на нивните не­пријатели и ја покажам во нив светоста Моја пред очите на многу народи. 28И ќе познаат дека Јас сум нивниот Господ Бог, Кој откако ги растурив меѓу народите, одново ќе ги соберам во нивната земја и нема да оставам таму ниту еден од нив. 29И веќе нема да го сокривам лицето Свое од нив, затоа што ќе излеам Јас од Мојот дух на домот Израелов, вели Господ Бог.

Селектирано:

Езекиел 39: MK2006

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се