Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Езекиел 27

27
Тагување поради падот на Тир
1И дојде слово Господово до мене: 2„А ти, сине човечки, викни, па за­плачи по Тир. 3И кажи му на Тир, кој се населил при влезот на морето, и тргува со народите од многу острови – вака вели Гос­под Бог: Тире, ти велиш: ‚јас сум сов­ршена убавина.‘“ 4Твоите предели се во срцето на мо­рињата; твоите градители совршено ја изградиле твојата складност; 5од сенирски кипариси ги направија сите твои подови; зедоа од Ливан кедри, за да ти направат јарболи; 6#Ис 2,13; Зах 11,2од башански дабови правеа весла; столовите ги правеа до буково дрво, ишарано со слонова коска од китимските острови, 7од шарени египетски ткаенини ти беа бродските платна што ти служеа како знаме; сини и пурпурни ткаенини се земаа од елишките острови за покривала. 8Жителите сидонски и арвадски ти беа веслачи; Тире, ти имаше вешти луѓе; тие ти беа кормилари. 9Старешините од Гевла и неговите вешти луѓе ти служеа за разни поправки; ти имаше секакви морски бродови и кораби со платна, кои ти служеа за тргување. 10#30,5; 38,5Војници од Персија, од Луд и од Пут се наоѓаа во твојата војска; закачуваа по тебе штитови и шлемови; тие ти придаваа величие. 11Синовите Арвадски со твојата сопствена војска стоеја наоколу по твоите ѕидови; и Гамадимците стоеја на кулите твои; тие беа ги закачиле своите шти­тови по твоите ѕидови наоколу; и тие ти ја претставуваа твојата убавина. 12#Откр 18,3Тарсис тргуваше со тебе, располагајќи со различно богатство, за стоките твои плаќаше сребро, железо, олово и калај. 13#Откр 18,13Јаван, Тувал и Мешех тргуваа со тебе, разменувајќи ги стоките за луѓе и бакарни садови. 14Од Бет-Тогарма ти донесуваа за стоките твои коњи, коњаници и маски. 15Синовите на Дедан тргуваа со тебе; многу острови вршеа со тебе размена, ти плаќаа со слонова коска и абанос. 16Поради големото твое трговско богатство, тргуваа со тебе и Арамеј­ците; за стоките твои ти плаќаа со сма­рагд, пурпурно шарени ткаенини и висон, со корали и рубини. 17Јудеја и земјата израелска тргуваа исто така со тебе; за твојата стока ти плаќаа со пченица, мириси и мед, масло и балсам. 18Дамаск поради богатството во стоки, поради изобилието на секакви работи, ти донесуваше хелбонско вино и волна од Цахар. 19Дан и Јаван од Узал ти плаќаа за твоите стоки со изработки од железо, касија и цимет, за размена. 20Со тебе тргуваше и Дедан со ска­поцени волнени покривки за седла. 21#1 Цар 10,15Арабија и сите кедарски кнезови вршеа размена со тебе: на јагниња, овни и кози. 22#1 Цар 10,10Трговците од Сева и Рама тргуваа со тебе со секакви најблагопријатни ми­риси и со секакви скапоцени камења, и злато ти плаќаа за твоите стоки. 23Харан, Кане и Еден, трговците од Сева, Асирија и Килмад исто така тргуваа со тебе. 24#Откр 18,11-19Тие ти продаваа скапоцени облеки од свилени и шарени материи што ги носеа на пазарите твои во скапи сандаци, направени од кедар и добро вр­зани. 25Бродовите од Тарсис беа твои каравани во трговијата, и ти стана богат и многу славен меѓу морињата. 26Весларите твои те одведоа во го­лемите води; источниот ветар те разби среде морињата. 27Твоето богатство и твоите стоки, сите твои ризници, твоите бродари и твоите кормилари, кои ги поправаа твоите кораби, и ја пренесуваа твојата трговија, сите твои војници, какви што ги имаше и сето множество народ твој, при твоето паѓање ќе потонат на дното од морето. 28Од пискотот на твоите кормилари ќе затреперат и околните места. 29И ете од корабите ќе излезат сите веслари, бродари, сите кормилари мор­ски и ќе излезат на земјата. 30Со висок глас ќе заплачат за тебе и тешко ќе заофкаат, ставајќи си пепел на главите свои и валкајќи се во прав. 31#Јов 1,20Ќе ја истрижат за тебе косата своја до черепот, а ќе опашаат вреќишта и со горчлив плач ќе заплачат за тебе од душевна мака. 32И во тагата своја ќе запеат за тебе жална песна, и така тие ќе заплачат за тебе: „Кој е како Тир, така разрушен среде морињата!“ 33#Откр 18,3Кога доаѓаа од морињата твоите стоки, ти задоволуваше многу народи; со големото богатство и со трговијата ти ги богатеше царевите на земјата. 34А кога беше ти разбиен од морињата во водената бездна, твоите стоки и сиот твој народ потона. 35Сите жители на островите се запрепастија за тебе и царевите нивни почнаа да треперат, лицата им се изме­нија. 36Трговците на другите народи си потсвиркуваа за тебе; ти стана како страшило и исчезна засекогаш.

Селектирано:

Езекиел 27: MK2006

Нагласи

Сподели

Копирај

None

Дали сакаш да ги зачуваш Нагласувањата на сите твои уреди? Пријави се или најави се