А потоа Мојсеј и Арон дојдоа кај фараонот, па му рекоа: „Вака вели Господ, Бог Израелов – ‚Пушти го народот Мој, да празнува празник во Моја чест во пустината.‘“ Но фараонот рече: „Кој е тој Господ, за да го послушам гласот Негов, и да ги пуштам синовите израелски? Не Го познавам тој Господ, ниту ќе го пуштам народот израелски.“ А тие рекоа: „Бог на Евреите нѐ повика нас три дена пат да одиме во пустината, за да Му принесеме жртва на Господ, нашиот Бог, та да не ни испрати помор или убиство.“ Тогаш царот египетски им рече: „Зошто вие, Мојсеј и Арон, го одвлекувате народот од неговата работа? Одете да работите!“ И фараонот уште додаде: „Ете, сега кога народот се намножи во земјата, вие сакате да го натерате да не работи!“
И веднаш им заповеда фараонот на надзорниците над народот и на настојниците негови, и рече: „Отсега на народот нема да му давате плева за правење тули, како досега, туку сами нека одат да си собираат плева. А колку тули досега правеле, настојувајте толку да прават и отсега: ништо не намалувајте; бидејќи се без работа, па затоа викаат и велат – ‚Да одиме и да Му принесеме жртва на нашиот Бог.‘ Нека им се зголеми работата на тие луѓе, за да работат повеќе и да не се занимаваат со празни зборови.“ И излегоа надзорниците и настојниците, и му рекоа на народот: „Вака вели фараонот: нема да ви давам веќе плева; одете сами и собирајте си плева, каде што ќе најдете; а од работата нема ништо да ви се намали.“ И се разотиде народот по целата земја египетска за да собира стрника наместо плева. А надзорниците навалуваа, велејќи: „Вршете ги вашите определени работи секој ден, како и порано кога имавте плева.“ А настојниците од родот на синовите израелски, кои ги поставија над нив надзорниците на фараонот, беа биени и им се велеше: „Зошто ни вчера, ни денес не изработивте толку тули, колку што ви е определено, како што правевте порано?“ И отидоа настојниците на синовите израелски пред фараонот, па извикаа и рекоа: „Зошто постапуваш така со слугите твои? Плева не им се дава на слугите твои, а пак ни се вели: правете тули. И ете, ги бијат слугите твои. Го онеправдуваат твојот народ.“ Но тој им одговори: „Седите без работа, не работите, па затоа велите: ‚Да одиме да Му принесеме жртва на Господ.‘ Затоа сега одете, работете; плева нема да ви се дава, а вие определениот број тули ќе го предавате.“ И настојниците на синовите израелски се видоа во зло, бидејќи им беше речено: „Дневната количина на тулите не смеете да ја намалите.“ А кога излегоа откај фараонот, ги сретнаа Мојсеј и Арон, кои стоеја и ги очекуваа. Па им рекоа: „Бог нека види и нека ви суди што нѐ направивте омразени кај фараонот и кај службениците негови, и им дадовте меч во рацете, за да нѐ убиваат!“ Тогаш Мојсеј се обрна кон Господ и рече: „Господи, зошто го воведе во неволја овој народ? Зошто ме испрати мене? Зашто, откако излегов пред фараонот и проговорив во Твое име, тој уште полошо постапува со овој народ? Ти не го избави народот Свој!“