Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Излез 31:1-18

Излез 31:1-18 MK2006

И му рече Господ на Мојсеј, велејќи: „Ете, го определив по име Веселеил, син на Уриј, синот на Ор, од племето Јудино; и го исполнив со Духот Божји, со мудрост, разум, знаење и секаква умешност; да работи со злато, сребро и бакар; да реже камења, да прави дрвени изработки, за секакви потреби. И, ете, му го дадов за помошник Охо­лијав, синот на Ахисамах, од племето Даново; и на сите способни луѓе им дадов разум да се потрудат да направат сѐ како што ти заповедав: скинијата, и ковчегот на заветот, и чистилиштето над него, и сиот прибор во скинијата; и трпезата со сите нејзини принадлежности, и светилникот од чисто злато со сите делови негови, и кадилниот жртвеник; жртвеникот за жртви сепаленици со сиот негов прибор, и мијалникот и подножјето негово; и одеждите на Арон за служење и одеждите на синовите Аронови, со кои ќе ми свештенодејствуваат; и маслото за помазание, и кадивото благопријатно за светилиштето – сѐ нека направат така, како што ти заповедав.“ И пак му рече Господ на Мојсеј, велејќи: „Кажи им на синовите на Израел така: пазете ги саботите Мои, зашто тоа е знак меѓу Мене и вас од колено до колено, за да знаете дека Јас сум Господ, Кој ве осветува. Пазете ја саботата, бидејќи таа е света за вас: кој ќе ја оскверни, да се погуби. Секој, кој ќе врши некаква работа во тој ден, таа душа нека се истреби од народот свој. Шест дена нека се работи; а седмиот ден е сабота, ден за одмор, посветен на Господ: секој, кој ќе работи во саботен ден, нека се предаде на смрт. Затоа синовите израелски нека ги пазат саботите, празнувајќи ги во родовите свои како вечен завет. Тоа е знак меѓу Мене и синовите на Израел довека; зашто во шест дена ги создаде Господ небото и земјата, а во седмиот ден си отпочина и се одмори.“ И кога Бог престана да зборува со Мојсеј на Планината Синајска, му ги даде двете плочи на заветот – камени плочи, напишани со прст Божји.