Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Излез 2:11-25

Излез 2:11-25 MK2006

По многу време, кога Мојсеј порасна, отиде меѓу браќата свои, и ја виде маката нивна. И забележа како еден Египќанец бие Евреин – еден од браќата негови. Се обѕрна на сите страни, и, кога виде дека нема никој, го уби Егип­ќа­нецот и го закопа во песокот. Утредента излезе пак и виде двајца мажи Евреи како се тепаат и му рече на оној, кој беше виновен: „Зошто го биеш ближниот свој?“ А тој одговори: „Кој те постави те­бе за старешина и судија над нас? Да не сакаш и мене да ме убиеш, како што го уби Египќанецот?“ Тогаш Мојсеј се у­плаши и рече: „Значи, се разбрало за ова!“ И фараонот чу за ова, па сакаше да го погуби Мојсеј. Но Мојсеј избега од фараонот и отиде во мидјанската земја, и седна крај еден извор. А свештеникот мидјански, пак, има­ше седум ќерки. И тие дојдоа и цр­пеа вода и ги наполнија поилата, за да го напојат стадото на својот татко. Но дојдоа овчари, и ги истераа, а Мојсеј стана и ги одбрани, им налеа вода и им го напои стадото. Тие се вратија кај таткото свој Рагуил, а тој ги праша: „Зошто толку бргу се вративте денес?“ Тие одговорија: „Еден Египќанец нѐ одбрани од овчарите, дури ни извади вода и ни ги напои овците.“ А тој им рече на своите ќерки: „Па, каде е тој? Зошто сте го оставиле така тој човек? Поканете го да јаде со нас!“ И Мојсеј реши да живее кај тој човек, а тој му ја даде на Мојсеј за жена својата ќерка Ципора. И таа роди син, и му стави име Герешом: „Бидејќи сум – рече – доселеник во туѓа земја.“ А по многу време, умре египетскиот цар. А синовите израелски уште офкаа од маките и викаа; и пискотот нивни од тешките маки дојде до Бога. И Бог го чу офкањето нивно, и се сети Бог на заветот Свој со Авраам, Исак и Јаков. И Бог погледна на синовите израелски, и се смили над нив.