Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Излез 2:1-15

Излез 2:1-15 MK2006

Еден човек од племето Левиево отиде и си зеде жена од ќерките Левиеви. Жената зачна и роди машко дете; па кога виде дека е многу убаво, го криеше три месеци. Но, кога не можеше повеќе да го крие, зеде кошниче од трски го облепи со асфалт и смола; и, откако го стави детето во него, го однесе во трската крај реката. А сестрата негова застана подалеку, за да гледа што ќе стане со него. Ќерката, пак, фараонова слезе до реката, за да се капе, а и нејзините слу­гинки одеа покрај реката. Таа го забе­лежа кошничето во трската, па испрати една од слугинките свои, да го донесе. А кога го отвори, виде дете; и тогаш детето заплака. Таа се смили над него и рече: „Ова е еврејско дете.“ Тогаш сестрата негова ѝ рече на фараоновата ќерка: „Сакаш ли да одам да викнам доилка Еврејка, да ти го дои детето?“ А фараоновата ќерка ѝ рече: „Оди!“ И девојчето отиде, и ја викна мајката на детето. Фараоновата ќерка ѝ рече: „Чувај го ова дете, и дој ми го; а јас ќе ти пла­там.“ И го зеде жената детето и го доеше. А кога детето порасна, го одведе кај ќерката фараонова, и таа го посини. И му стави име Мојсеј, велејќи: „Зашто од вода го извадив.“ По многу време, кога Мојсеј порасна, отиде меѓу браќата свои, и ја виде маката нивна. И забележа како еден Египќанец бие Евреин – еден од браќата негови. Се обѕрна на сите страни, и, кога виде дека нема никој, го уби Егип­ќа­нецот и го закопа во песокот. Утредента излезе пак и виде двајца мажи Евреи како се тепаат и му рече на оној, кој беше виновен: „Зошто го биеш ближниот свој?“ А тој одговори: „Кој те постави те­бе за старешина и судија над нас? Да не сакаш и мене да ме убиеш, како што го уби Египќанецот?“ Тогаш Мојсеј се у­плаши и рече: „Значи, се разбрало за ова!“ И фараонот чу за ова, па сакаше да го погуби Мојсеј. Но Мојсеј избега од фараонот и отиде во мидјанската земја, и седна крај еден извор.