Вечерта долетаа потполошки и го прекрија логорот; а утрината беше паднала роса околу логорот. И, ете, кога се крена росата, а тоа: по пустината лежи валчест прав, нешто како бел сињак по земјата. И кога видоа синовите израелски, си велеа еден на друг: „Што е тоа?“ Зашто не знаеја, што беше тоа. А Мојсеј им рече: „Тоа е лебот, што ви го даде Господ да го јадете.“ Еве како заповеда Господ: „Собирајте од него, секој колку што му треба за јадење – по еден омер на лице, според бројот на членовите ваши; секој според бројот на домашните што ги има во шаторот, собирајте.“ И направија така синовите израелски: и собраа, кој повеќе, кој помалку. Па мереа со омер; и кој беше собрал повеќе, излишок немаше, а оној помалку, – немаше недостиг; секој имаше онолку, колку што можеше да изеде.
И им рече Мојсеј: „Никој да не остава од тоа за утре!“ Но тие не го послушаа Мојсеј, туку некои оставија од тоа за утре, а тоа црвоса и се усмрде. И се налути Мојсеј на нив. И така тие го собираа секое утро рано, секој колку што може да изеде; а кога сонцето ќе изгрееше, тоа се топеше. А во шестиот ден собраа од тој леб двојно повеќе – по два омера за секого. И дојдоа старешините народни, па му јавија на Мојсеј. А тој им рече: „Еве што кажа Господ – утре е сабота, ден за одмор посветен на Господ; што ќе печете – печете, и што треба да варите – варете денес; а што ќе преостане, соберете го и чувајте го за утре!“ И оставија од него за утре, како што заповеда Мојсеј, и тоа не се усмрде, ниту имаше црвје во него. И Мојсеј рече: „Јадете го тоа денес, бидејќи денес е сабота Господова; денес нема да најдете од него во полето. Шест дена ќе собирате, а седмиот ден е сабота, тогаш ќе го нема.“ И на седмиот ден излегоа некои од народот да собираат, но не најдоа. А Господ му рече на Мојсеј: „До кога ќе се противите на заповедите Мои и на законот Мој? Ете, Господ ви дал денес сабота, затоа во шестиот ден и ви дава леб за два дена. Останете секој во својот дом, и во седмиот ден никој да не го напушта местото свое.“ И се одмараше народот седмиот ден.