Тогаш, Мојсеј и синовите израелски ја запеаја оваа песна на Господ, велејќи: „Да Го воспеам Господа, зашто славно се прослави: коњот и коњаникот негов ги фрли в море. Господ е моја сила и моја слава; Тој е спасение мое; Тој е Бог мој, и ќе Го прославувам; Бог на таткото мој, и ќе Го превознесувам. Господ е воин; Јахве е името Негово. Колите фараонови и војската негова ги фрли в море; избраните војводи негови се удавија во Црвено Море. Бездните ги покрија; тие потонаа во длабочините, како камења. Десницата Твоја, Господи, се прослави со сила; десната рака Твоја, Господи, го уништи непријателот. И со величието на славата Твоја Ти ги собори оние, кои станаа против Тебе; Ти го излеа гневот Свој, и тој ги изгоре како слама. Од здивот на ноздрите Твои водите се расцепија, брановите се издигнаа како ѕид; бездните морски станаа тврди. Непријателот рече: ‚Ќе гонам, ќе стигнам, плен ќе разделам, ќе се насити со нив душата Моја, ќе го извадам мечот Свој, ќе ги уништи раката Моја.‘ Ти дувна со здивот Твој, и морето ги покри; и тие потонаа како олово во силните води. Кој е како Тебе меѓу боговите, Господи? Кој е како Тебе прославен во светоста Своја, прекрасен во славата Своја и Творец на чуда? Ти ја пружи десницата Своја и земјата ги голтна. Според милоста Твоја го водиш овој народ, кого Ти го избави, и го спроведуваш со силата Своја во живеалиштето на Светоста Твоја. Народите слушнаа и затоа треперат: ужас ги опфати жителите на земјата филистејска. Тогаш се збунија поглаварите едомски, страв и трепет ги обзеде кнезовите моавски, се уплашија сите жители ханански. Нека ги опфати страв и ужас; од силата на раката Твоја нека онемеат како камен, додека не помине народот Твој, Господи, додека не помине овој народ што си го придобил. Одведи го и смести го во планината на Твоето наследство, во место, кое Ти Господи, си го приготвил за живеалиште Свое, во светилиштето создадено со рацете Твои, Господи! Господ ќе царува секогаш и во вечност.