И Господ му рече на Мојсеј: „Зошто викаш кон Мене? Кажи им на синовите на Израел нека врват. А ти земи го стапот свој и протегни ја раката своја врз морето, и раздели го, и нека минат синовите израелски, среде море по суво. Но, ете, Јас ќе го ожесточам срцето на сите Египќани, и тие ќе тргнат по нив. А Јас ќе ја покажам славата Своја над фараонот и над сета војска негова, над колите негови и над коњаниците негови. И Египќаните ќе познаат дека Јас сум Господ, кога ќе се прославам над фараонот, над колите негови, и над коњаниците негови.“ И се крена ангел Господов, кој одеше пред војската израелска, и застана зад нив; се крена и столбот од облак пред нив, и застана зад нив. А кога влезе меѓу војската египетска и војската израелска, застана; на оние им беше темнина и мрак, а на овие им беше светлина, така што преку цела ноќ не се доближија едните до другите. И ја подигна Мојсеј раката своја над морето, а Господ го разбранува морето со источен ветар, кој дуваше силно цела ноќ, па се направи во морето суво и водата се раздели. И појдоа синовите израелски среде море по суво, а водата им стоеше како ѕид од десната страна и од левата страна. А Египќаните, гонејќи ги, појдоа по нив среде море, сите коњи фараонови, колите и коњаниците негови. А во утринската стража погледна Господ на војската египетска од огнениот столб и од облакот и ја доведе во забуна војската египетска, па им ги врза тркалата на колите нивни, та одвај ги влечеа. Тогаш Египќаните рекоа: „Да бегаме од Израелците, зашто Господ се бори за нив против Египќаните!“ Тогаш Господ му рече на Мојсеј: „Пружи ја раката над морето, и нека се собере водата врз Египќаните, врз колите нивни и врз коњаниците нивни.“ И Мојсеј ја испружи раката своја над морето, и пред зори водата пак се поврати на своето место, а Египќаните тргнаа да бегаат наспроти водата; и Господ ги потопи Египќаните среде море. Кога се поврати водата, ги потопи колите и коњаниците со сета војска фараонова, што беше тргнала по нив во морето; и не остана ниеден од нив. Синовите, пак, израелски минаа среде море по суво; водата стоеше како ѕид од десната страна и од левата страна. И ги избави Господ Израелците во тој ден од рацете на Египќаните. И ги видоа синовите израелски Египќаните што изумреа на морскиот брег. Ја виде Израел големата сила, што Господ ја покажа над Египќаните, и народот се уплаши од Господ, и поверува во Бога и на слугата негов Мојсеј.