Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Естира 8:1-17

Естира 8:1-17 MK2006

Во тој ден царот Ксеркс ѝ го даде на царицата Естира домот на Аман, непријателот на Јудејците; а Мардохеј влезе пред лицето на царот, зашто Естира беше соопштила што ѝ е тој. И царот го извади прстенот свој што го беше одзел од Аман, и му го даде на Мардохеј; а Естира го постави Мар­дохеј за надзорник на Амановиот дом. И Естира говореше уште пред ца­рот, падна пред нозете негови, плачеше и го молеше да ја измени злобата на Вугеецот Аман и плано­вите негови што беше ги скроил против Јудејците. Царот го подаде кон Естира златниот жезол; Естира стана и застана пред лицето на царот, па му рече: „Ако му е на царот угодно, ако сум нашла милост пред неговото лице, а тоа дело биде спра­ведливо пред лицето на царот, нека се напише да се вратат писмата според замислата на Вугеецот Аман, син Амадатов, кој беше напишал за по­губувањето на Јудејците во сите царски области; зашто, како би можела да ја гледам неволјата што ќе го снајде мојот народ, и како би можела да го гледам загинувањето на моите сродници?“ Тогаш царот Ксеркс им рече на ца­рицата Естира и на Јудеецот Мар­дохеј: „Еве, јас ѝ го дадов на Естира домот на Аман, и самиот него го обесив на бесилка, поради тоа што беше кренал рака на Јудејците; напишете и вие за Јудејците, она што ви е угодно, од името на царот и потврдете го со печат од царскиот прстен, зашто писмо, напишано од името на царот и потврдено со печат од царски прстен, не може да се измени.“ Веднаш беа повикани царските пи­сари во третиот месец, односно, во месецот сиван, на дваесет и третиот ден, и беше напишано сѐ онака, како што заповеда Мардохеј, до Јудејците и до сатрапите, до обласните намесници, до управниците на областите од Индија до Етиопија – сто дваесет и седум об­ласти на секоја област со нејзиното писмо и до секој народ на неговиот јазик и до Јудејците со нивните писма и на нивни јазик. И беа напишани писма од името на царот Ксеркс, ги запечати со царскиот прстен и им ги испрати по брзоодци на коњи, на камили и на царски мулиња, дека царот им дозволува на Јудеј­ците што се наоѓаат во секој град да се соберат и да го заштитат својот живот, да ги истребат, убијат и погубат сите силни во народот и во областа, кои постапуваат непријателски спрема нив и нивните деца и жени, а имотот нивни да го разграбаат, во еден ден по сите области на царот Ксеркс, во тринаесеттиот ден на дванаесеттиот месец, односно, во месе­цот адар. Препис од таа повелба да се ис­прати до секоја област, како закон, обја­вен за сите народи, та Јудејците да би­дат готови за тој ден да им се одмаздат на непријателите свои. Брзоодците, јавнати на брзи царски коњи, тргнаа скоро и брзаа со царската заповед. Повелбата беше објавена и во престолнината Суза. Тогаш Мардохеј излезе откај царот во царски сини и бели алишта, со голем златен венец и во ленена и пурпурна облека. Градот Суза се развесели и се зарадува. Кај Јудејците тогаш настана ден на светлина и радост, веселба и свеченост. И во секоја област, во секој град и секое место, каде што ќе стигнеше заповедта на царот и неговата повелба, настануваше радост, веселба, гозба и празник за Јудејците. И мнозина луѓе од народите во земјата станаа Јудејци, зашто ги беше обзел страв од Јудејците.