Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Естира 2:1-23

Естира 2:1-23 MK2006

Откако стивна гневот на царот Ксеркс, тој се сети на Астина и на она што го направи таа и за решението за неа. И рекоа царските слуги, што му служеа: „Да се побараат за царот млади и убави девојки, а царот да определи во сите области на царството пратеници што ќе ги соберат сите млади и убави на изглед девојки во престолнината Суза, во женскиот дом под надзор на царскиот евнух Хегај, чувар на жени­те, и да им дадат сѐ што е потребно за дотерување. И која девојка ќе му се допадне на царот, таа да стане царица наместо Астина. Му се допаднаа на царот тие зборови, и тој постапи така.“ Имаше во престолнината Суза еден Јудеец, по име Мардохеј, син на Јаир, син на Семеј, син на Кис, од Венија­миновото племе. Тој беше преселен од Ерусалим со плениците, протерани заедно со јудеј­скиот цар Јехонија, што го беше преселил вавилонскиот цар Навуходо­носор. Тој ја воспитуваше Хадаса – односно Естира – ќерка на чичко му, бидеј­ќи таа немаше ни татко, ни мајка. Таа девојка имаше тенка става и убаво лице, а по смртта на татко ѝ, Мар­дохеј ја прибра кај себе како своја ќерка. Кога беше објавена заповедта на царот и указот негов, и откога беа собрани многу девојки во престолнината Суза под надзор на Хегај, тогаш беше земена и Естира во царскиот дом под надзор на Хегај, чуварот на жените. Таа девојка му се допадна и ја придоби неговата наклоност, и тој побрза да ѝ даде масла и сѐ што ѝ припаѓа, и да ѝ определи седум достојни девојки да бидат покрај неа, во царскиот дом, па ја премести неа и девојките нејзини во најубавото одделение на жен­скиот дом. Естира не го кажуваше ни народот свој, ни потеклото свое, бидејќи Мардо­хеј ѝ беше заповедал да не кажува. И секој ден Мардохеј доаѓаше во дворот на женскиот дом за да дознае за здравјето на Естира и што станува со неа. Кога доаѓаше времето на секоја девојка да влезе кај царот Ксеркс, откако дванаесет месеци по ред беше извршувано над неа сѐ, определено за жените, – зашто за толку време продол­жуваа дните на дотерувањето нивно: шест месеци со смирново масло и шест месеци со благопријатни мириси и со други женски работи – дури тогаш девојката влегуваше кај царот. И што и да побараше таа, ќе ѝ дадеа и со тоа одеше од жен­скиот дом во домот на царот. Вечерта таа влегуваше и утредента се враќаше во друг женски дом под надзор на царскиот чувар на наложниците; и веќе не влегуваше кај царот, – освен ако царот ја побараше, и ќе ја повикаа по име. Кога дојде време за Естира, ќерка на Авихаил, чичко на Мардохеј, кој ја беше прибрал кај себе место ќерка, – да оди при царот, таа не побара ни­што, освен она што ѝ го кажа царскиот дворјанин Хегај, чувар на жените. И Естира им се допадна на сите што ја видоа. И беше земена Естира кај царот Ксеркс, во неговиот царски дом, во десеттиот месец, односно во месецот тевет, во седмата година од царувањето негово. Царот ја засака Естира повеќе од сите жени, и таа ја доби неговата бла­гонаклоност и љубов повеќе од сите девојки; тој ѝ стави на главата царски венец и ја постави за царица на местото на Астина. И царот им приреди голема гозба на сите свои кнезови и слуги кај него, – гоштевање поради Естира, и им даде олеснувања на областите и раздаде подароци со царска штедрост. И кога вториот пат беа собрани девојките, и Мардохеј седеше кај цар­ската врата, Естира сѐ уште не говореше за своето потекло и за народот свој, спо­ред она како што ѝ беше запо­ведал Мардохеј; и зборот на Мардохеј го ис­полнуваше и сега така, како и кога беше кај него на воспитување. Во тоа време, кога Мардохеј седеше пред царската порта, двајцата царски дворјани Бигетан и Тереш, кои го чуваа прагот, се озлобија поради тоа што бе­ше претпочитан Мардохеј, па размислуваа како да стават рака врз царот Ксеркс. Кога дозна за тоа, Мардохеј ѝ соопшти на царицата Естира, а Естира му кажа на царот од името на Мардохеј. Работата беше испитана и се утврди дека е тоа вистина, и тие двајцата беа обесени на дрво. И тоа се запиша во книгата на царскиот летопис.