Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Ефесјаните 3:1-21

Ефесјаните 3:1-21 MK2006

Затоа сум јас, Павле, затвореник на Исус Христос за вас незнабошците. Бидејќи ја чувте распределбата на благодатта Божја, која ми е дадена за вас, односно дека преку откровение Бог ми ја соопшти тајната, како што и по­го­ре ви напишав накратко. Читајќи го тоа, можете да разберете како сум ја сфатил тајната на Христос, која, на синовите човечки од по­ра­нешните поколенија не им беше објавена како што сега се откри на Неговите свети апостоли и пророци преку Светиот Дух, за да бидат и незнабошците сонас­ледници, делови на едно тело, и соучесници на ветувањето Божјо во Христос Исус преку Евангелието, на кое му станав слуга според дарот на благодатта Божја, дадена по дејство на Неговата сила. Мене, најмалиот од сите светии, таа благодат ми се даде – да им го про­по­ве­дам на незнабошците неискажливото богатство Христово, и да расветлам на сите во што се состои распределбата на тајната, криена од векови во Бога, Кој создаде сѐ преку Исус Христос, та многуликата мудрост Божја да им се објави сега преку Црквата на на­чалствата и властите небесни, според предвечната одлука, која Тој ја изврши во Христос Исус нашиот Гос­под, во Кого, преку верата во Него, има­ме слобода да се доближуваме со доверба. Поради тоа, ве молам, не паѓајте со духот пред моите маки заради вас, кои се ваша слава. Затоа ги преклонувам колената свои пред Отецот на нашиот Господ Исус Христос, од Кого се именува секој род на не­бесата и на земјата, да ви даде, по богатството на Сво­ја­та слава, сила да се утврдите преку Не­говиот Дух во внатрешниот човек, и преку верата Христос да се всели во срцата ваши, та вкоренети и утврдени во љубовта да можете да разбирате со сите светии што е ширина и должина, што е дла­бо­чина и височина, и да ја осознаете Христовата љубов што го надминува секое знаење, за да се исполните со сета полнота Божја. А на Оној Кој, според силата што во нас дејствува, може да изврши изобилно сѐ што ќе побараме или помисли­ме, Нему нека е слава во Црквата пре­ку Исус Христос во сите родови и за си­те векови. Амин!