Но Бог, Кој е богат со милост, поради големата Негова љубов, со која нѐ засака, иако бевме мртви поради гревовите наши, нѐ оживеа во Христос и нѐ воскресна со Него и нѐ постави на небесата во Христос Исус, за да им го покаже на идните векови преизобилното богатство на Својата благодат во добрина кон нас преку Христос Исус. Зашто по благодат сте спасени преку верата; и тоа не е од вас – туку дар Божји! Не е од дела, за да не се пофали некој. Зашто ние сме Негова творба, создадени во Христос Исус за добри дела што Бог ги предодредил уште од порано да живееме во нив.
Затоа помнете, вие, кои некогаш по тело бевте незнабошци, и наречени необрезани од таканаречените обрезани со телесно обрезание, правено со раце, дека во она време бевте без Христос, отстранети од општеството на Израел, без право на учество во заветите на ветеното, без надеж и безбожници во светот; но сега, во Христос Исус, вие, кои некогаш бевте далеку, станавте блиски преку крвта Христова. Зашто Тој е нашиот мир, Кој од двата народи направи еден и ја разруши преградата што беше меѓу нив, откако со телото Свое го уништи непријателството, а законот на заповедите и одредбите го обессили, за да создаде во Себе од двата еден нов човек, воспоставувајќи мир, и обата во едно тело да ги помири со Бога преку крстот, откако го уништи непријателството во себе. И, откако дојде, Тој ви благовести мир вам далечни и блиски, зашто преку него и едните и другите имаме пристап кај Отецот во еден Дух.