Подобар е добар глас, отколку скапоцено масло, и смртниот ден – од родениот ден. Подобро е да одиш во куќа каде што плачат по умрен, отколку да отидеш во куќа, каде што има веселби и гозби, зашто таков е крајот на секој човек, и живиот ќе го приложи тоа кон срцето свое. Тагата е подобра од смеата; зашто, кога е лицето нажалено, срцето станува подобро. На умните срцето им е во куќата, каде што плачат, а на безумните во куќа, каде што се веселат. Подобро е да слушаш прекор од мудар, отколку да слушаш пофалби од глупав; зашто смеата на безумните е како прскање на трње под котел. И тоа е суета! Угнетувањето на другите го прави мудриот безумен, а подароците го расипуваат срцето. Крајот на една работа е подобар од нејзиниот почеток; трпеливиот е подобар од горделивиот. Не станувај со духот свој брз на гнев, зашто гневот се крие во срцето на безумните. Не вели: „Зошто поранешните дни биле подобри од сегашните?“, бидејќи не е мудро да прашуваш за тоа. Добра е мудроста, како и наследството, особено за оние, што го гледаат сонцето, зашто под нејзината сенка е исто, како под сенката на сребро; но предимството на знаењето е во тоа, што мудроста му дава живот на оној, што ја има. Погледај ги Божјите дела: кој може да го исправи она, што Бог го направил криво? Во добро време ползувај се со доброто, а во зли дни размислувај: едното и другото го направил Бог, за да не може човекот да каже ништо против Него.