И така, ставете ги овие мои зборови во срцето свое и во душата своја, врзете ги на раката своја како знак, и нека бидат тие врзулка меѓу очите ваши; учете ги синовите свои на нив, кажувајте им за нив, кога седиш дома и кога си на пат, кога си легнуваш и кога стануваш; и напишете ги врз гредите од вратите на куќите ваши и на вашите градски порти, за да бидат вашите денови и деновите на вашите деца во онаа земја, за која Господ се заколна дека ќе им ја даде на предците ваши, толку колку што небото ќе биде над земјата. Зашто, ако ги пазите сите тие заповеди, што ви ги кажувам и ги исполнувате, ако Го сакате Господа, вашиот Бог, ако одите по сите Негови патишта и се приврзете кон Него, тогаш Господ ќе ги изгони сите тие народи од пред вас, и вие ќе владеете со народи, што се поголеми и посилни од вас; секое место, на кое ќе стапи ногата ваша, ќе биде ваше: вашите предели ќе бидат од пустината и Ливан, и од реката Еуфрат, дури до морето, кое е на запад. Никој нема да ви се противстави вам: Господ, вашиот Бог, ќе испрати страв и трепет пред вас врз секоја земја, на која ќе стапнете, како што ви говореше Тој. Ете, јас ви давам денес благослов и проклетство; благослов – ако ги послушате заповедите на Господ, вашиот Бог, што ви ги кажувам денес, а проклетство – ако не ги послушате заповедите на Господ, вашиот Бог, и се отстраните од патот, што ви го посочувам денес, и тргнете по други богови, што не ги знаете.