потоа отидоа и му кажаа на царот за царската заповед: „Нели ти потпиша повелба дека секој човек, кој во текот на триесет дена ќе му се моли на кој и да било бог или човек, освен на тебе, царе, да биде фрлен во лавовска јама?“ Царот одговори и рече: „Тој збор е цврст како и законот на Мидијците и Персијците, што не допушта измени.“ Тогаш тие одговорија и му рекоа на царот: „Даниел, кој е од заробените синови од Јудеја, не обрнува внимание ни на тебе, царе, ниту на повелбата што си ја потпишал, туку по трипати на ден се моли со свои молитви.“ Царот кога го чу тоа, многу се загрижи и си стави при срце да го спаси Даниел и дури до зајдисонце многу размислуваше како да го избави. Но оние луѓе дојдоа кај царот и му рекоа: „Царе, ти знаеш дека според законот на Мидијците и Персијците ниедно решение или заповед, потврдено од царот не може да се измени.“ Тогаш царот заповеда, и го доведоа Даниел, па го фрлија во лавовската јама; па царот му рече на Даниел: „Твојот Бог, Кому без престан Му служиш, Тој нека те избави!“ Па донесоа камен, го ставија врз отворот на јамата, и царот го запечати со својот прстен и со прстењата на великодостојниците свои, за да не се измени ништо по однос на Даниел. Потоа царот си отиде во својот двор, легна да спие без вечера, па дури и порача да не му доаѓаат конкубините, но сонот бегаше од него. А утредента царот стана во зори и брзо се упати кон лавовската јама; и кога се приближи до јамата, со нажален глас го повика Даниел и му рече: „Даниеле, слуго на живиот Бог! Твојот Бог, Кому без прекин Му служиш, можеше ли да те избави од лавовите?“ Тогаш Даниел му одговори на царот: „Царе, да си жив довека! Мојот Бог го испрати својот ангел и им ја затвори устата на лавовите, така што тие не ме повредија, зашто јас излегов пред Него чист, па и пред тебе, царе, не сум извршил никаков престап.“