Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Даниел 5:1-14

Даниел 5:1-14 MK2006

Царот Валтазар приреди голема гозба за илјада свои достоинственици и заедно со нив пиеше вино. Откако се напи од виното, Валтазар заповеда да се донесат златните и среб­рените садови, кои татко му Навухо­доносор ги беше зел од Ерусалимскиот храм за да пијат од нив царот, достоинствениците негови, жените негови и наложниците негови. Тогаш ги донесоа златните садови кои беа земени од светилиштето на до­мот Божји во Ерусалим и пиеја од нив царот и достоинствениците негови, же­ните негови и конкубините негови. Пиеја вино и ги славеа боговите златни и сребрени, бакарни и железни, дрвени и камени. Во истиот момент се појавија прсти од човечка рака и пишуваа спроти све­тилникот на ѕидот од царскиот дворец, и царот ги виде прстите на раката што пишуваше. Тогаш царот пребледе, мислите му се смутија, појасот на бедрата му олабави и колената негови почнаа да се удираат едно со друго. Извика царот силно за да доведат маѓесници, волшебници и гледачи: ца­рот проговори и им рече на мудреците вавилонски: „Оној што ќе го прочита тоа што е напишано и ми објасни што значи, ќе биде облечен во пурпур и околу вратот ќе му биде ставена златна веришка, а во царството мое ќе биде трет достоинственик.“ И влегоа сите мудреци цареви, но никој не можеше да го прочита напиша­ното и да му го објасни на царот зна­чењето негово. Царот Валтазар се разгневи многу и пребледе уште повеќе, а се смутија и достоинствениците негови. Царицата, пак, ги чу зборовите на царот и на достоинсвениците негови и влезе во собата каде што беше гозбата; проговори царицата и рече – „Царе, да си жив довека, да не те вознемируваат мислите твои и да не пребледува лицето твое. Во царството твое има човек, во кого е духот на Светиот Бог; во дено­вите на твојот татко се најде во него светлина, разум и мудрост како мудроста на боговите и царот Навуходоносор, твојот татко, го постави како управник над јасновидците, волшебниците и гледачите, бидејќи во него, во Даниел, кому царот му го промени името во Валта­зар, се најде висок дух, знаење и разум способен да толкува соништа, да толкува загадочни работи и да разјаснува тајни. Затоа нека го повикаат Даниел, и тој ќе го објасни значењето.“ Тогаш го воведоа Даниел кај царот, и царот проговори и му рече на Даниел: „Ти ли си Даниел, еден од заробените синови јудејски, кого мојот татко, царот, те доведе од Јудеја? Сум слушал за тебе дека во тебе има дух Божји и светлина и разум и го­лема мудрост.