Халдејците му одговорија на царот и рекоа: „На земјата нема човек што може да му го открие на царот сонот, и затоа ниеден цар, колку и да е голем и силен, не побарал нешто слично од ниеден маѓесник, гледач или волшебник; сонот, што го бара царот, е толку тежок, што никој друг не може да му го открие на царот, освен боговите, кои не живеат со смртниците.“ Царот се разгневи и збесна многу поради тој одговор, па заповеда да ги истребат сите вавилонски советници. Кога излезе таа заповед да се убиваат советниците, го побараа Даниел и другарите негови за да ги убијат. Тогаш Даниел се обрати со претпазливост и мудрост кон Ариох, началникот на царските телохранители, кој беше излезен да ги убива вавилонските советници, и го праша Ариох: „Зошто таква страшна заповед од царот?“ Тогаш Ариох му ја објасни на Даниел целата случка. Даниел појде кај царот и измоли да му даде време за да му го каже на царот толкувањето на сонот. Даниел отиде дома и им ја кажа работата на своите другари Ананија, Мисаил и Азарија, за да измолат милост од Небесниот Бог за таа тајна, па Даниел и другарите негови да не загинат заедно со другите вавилонски советници. И тогаш тајната му беше откриена на Даниел во ноќно видение, и Даниел Го благослови Небесниот Бог. И рече тогаш Даниел: „Нека е благословено името на Господ од века и довека, зашто во Него има мудрост и сила. Тој ги контролира времињата и годините, соборува цареви и поставува цареви, дава мудрост на мудри и знаење на разумни. Тој открива што е длабоко и сокриено, знае што има во темнината и светлината живее со Него. Те прославувам и величам, Боже на татковците мои, затоа што ми даде мудрост и сила и ми го откри она, за што Те молевме; зашто Ти ни го откри сонот на царот.“ Потоа Даниел отиде кај Ариох, кому царот му беше заповедал да ги убие вавилонските советници, влезе и му рече: „Не убивајте ги вавилонските советници; одведи ме кај царот и јас ќе му откријам што значи сонот.“ Тогаш Ариох веднаш го одведе Даниел кај царот и му рече: „Меѓу заробените синови на Јуда најдов човек кој може да му открие на царот што значи сонот.“ Царот му рече на Даниел, кој беше преименуван во Валтазар: „Можеш ли да ми го кажеш сонот што го видов и што значи тој?“ Даниел му одговори на царот и рече: „Тајната за која царот прашува не можат да му ја откријат на царот ни мудреците, ни маѓесниците, ни јасновидците, ни гледачите. Но на небесата има Бог, Кој открива тајни; и Тој ќе му открие на царот Навуходоносор сѐ што ќе се збидне во последните денови. Ти царе, на леглото свое размислуваше за она што ќе се случи во иднина, и Оној Кој открива тајни, ти покажа што ќе се случи. А мене таа тајна ми се откри не затоа што сум помудар од сите живи, туку за да му биде откриена на царот смислата, и за да ги разбереш мислите што ти дојдоа во срцето.