Павле, по волјата Божја апостол на Исус Христос, и братот Тимотеј, до светиите и верните браќа во Исус Христос што се во Колоси: благодат вам и мир од Бога нашиот Отец и Господ Христос!
Му благодариме на Бога и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, секогаш кога се молиме за вас, бидејќи слушнавме за вашата вера во Христос Исус и за љубовта ваша, која ја имате кон сите светии, поради надежта која се чува за вас на небесата, за која порано сте слушнале од словото на вистината – Евангелието, кое е во вас, како и во целиот свет, и принесува плод и расте, како и меѓу вас од оној ден кога ја чувте и познавте Божјата благодат во вистината; како што и научивте од Епафрас, нашиот возљубен соработник, кој е верен служител Христов заради вас, и кој нѐ извести за вашата љубов во Духот.
Затоа и ние, од оној ден кога го чувме тоа, непрестано се молиме и сакаме да се исполните со познание на Неговата волја во секоја мудрост и духовно разбирање, та да постапувате достојно за Бога, угодувајќи Му во сѐ, принесувајќи плод во секое добро дело и да растете во познанието на Бога, укрепувајќи се со секаква сила преку Неговата славна моќ за секаква трпеливост и великодушност со радост, благодарејќи Му на Бога и Отецот, Кој нѐ направи способни да учествуваме во наследството на светиите во светлината, нѐ избави од власта на темнината и нѐ воведе во царството на Својот возљубен Син, во Кого имаме откуп; и простување на гревовите.
Тој е слика на невидливиот Бог, првороден пред секое создание; бидејќи преку Него е создадено сѐ што е на небесата и што е на земјата, видливо и невидливо; било престоли, било господства, било началства, било власти – сѐ е преку Него и за Него создадено. Тој е пред сѐ, и сѐ во Него стои. И Тој е глава на телото, односно на Црквата. Тој е почеток, првороден од мртвите, за да има првенство во сѐ. Бидејќи во Него благоволи Отецот да ја насели сета полнота, и преку Него да измири сѐ со Себе, или земно, или небесно, творејќи мир со крвта на Неговиот крст.