Затоа им заповедаа да излезат надвор од Синедрионот, па почнаа да се советуваат и да се прашуваат еден со друг, велејќи: „Што да правиме со овие луѓе? Зашто и големото чудо што се случи преку нив познато им е на сите што живеат во Ерусалим, и ние не можеме тоа да го одречеме. Но за да не се разгласува ова по народот уште повеќе, строго да ги заплашиме да не зборуваат повеќе никому во Негово име.“ И кога ги повикаа, им заповедаа воопшто да не зборуваат, ниту пак да го учат народот во името на Исус. Но Петар и Јован им одговорија и рекоа: „Просудете дали е справедливо пред Бога вас да ве слушаме повеќе отколку Бог; зашто ние не можеме да не зборуваме за она што сме го виделе и чуле.“ А тие, бидејќи не најдоа ништо со што би можеле да ги казнат, ги заплашија и ги пуштија поради народот; зашто сите Го прославуваа Бога за она што се беше случило. Човекот, пак, над кого се случи тоа чудесно исцеление, имаше повеќе од четириесет години.
И кога ги пуштија, тие отидоа кај своите и им јавија што им рекоа првосвештениците и старешините. А овие, штом ги ислушаа, еднодушно го подигнаа гласот кон Бога и рекоа: „Господаре, Ти Кој си го создал небото и земјата, и морето и сѐ што се наоѓа во нив; и Кој преку Светиот Дух со устата на нашиот татко Давид, Својот слуга, си рекол: ‚Зошто беснеат народите и луѓето намислуваат празни работи? Се дигнаа царевите земни и кнезовите се собраа заедно против Господ и против Неговиот Помазаник‘. И навистина, се здружија во тој град Ирод и Понтиј Пилат заедно со незнабошците и со народот израелски против Твојот Свет Син Исус, Кого си Го помазал Ти, за да го направат она што однапред го беше определила раката Твоја и волјата Твоја – да се збидне. И сега, Господи, погледај на нивните заплашувања и дај им на слугите Свои наполно слободно да го проповедаат Твоето слово, полагајќи ја раката Своја за исцеление, и да се случуваат чудесни знаци во името на Твојот Свет Син Исус.“ И откако се помолија, се затресе местото каде што беа собрани, и сите се исполнија со Дух Свети и слободно го проповедаа словото Божјо.