Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 27:1-26

Дела 27:1-26 MK2006

Кога беше одлучено да отпло­виме за Италија, Павле и неколку други затвореници ги предадоа на еден стотник, по име Јулиј, од царската чета. Се качивме на една адрамитски ко­раб, кој требаше да плови покрај азис­ките места, и така отпловивме. Со нас беше Аристарх, Македонец од Солун. На другиот ден стигнавме во Сидон. И Јулиј, кој постапуваше со Павле чо­векољубиво, му дозволи да појде до пријателите свои, за да се погрижат за него. Кога тргнавме оттаму, пловевме во заветрината на Кипар, бидејќи ветровите дуваа спротивно, и, откако го препловивме морето по­крај Киликија и Памфилија, стигнавме до Мира Ликиска. Таму стотникот најде еден александриски кораб, кој пловеше за Италија, и нѐ префрлија во него. И пловејќи полека многу дни, одвај стигнавме до Крит. Бидејќи ветрот нѐ спречуваше да влеземе таму, допловивме под Крит покрај Салмона. И, откако со мака пловевме покрај неа, стигнавме до едно место, наречено Добри Пристаништа, близу кое се на­оѓаше градот Ласеја. Откако мина многу време и пло­ве­њето стана веќе многу поопасно, а и постот беше веќе минал, Павле ги опо­мена и им рече: „Гледам, луѓе, дека пловењето ќе биде мачно и со голема штета не само за товарот на коработ, туку и за животите наши.“ Но стотникот повеќе му веруваше на кормиларот и сопственикот на бро­дот отколку на зборовите Павлови. А бидејќи пристаништето не беше погодно за презимување, многумина изјавија дека сакаат оттаму да отпловат, ако е можно, до Феникс, критското пристаниште, кое се наоѓа спроти југо­западниот и северозападниот ветар, и таму да презимуваат. А кога дувна југот, тие помислија дека можат да ја остварат својата цел, ја кренаа котвата и запловија покрај Крит. Но наскоро против нив се дигна бурниот ветар, наречен Евракилон. И штом го зграби коработ, бидејќи не можеше да му се противстави на вет­рот, ние им се препуштивме на брано­вите да нѐ носат. Минувајќи покрај едно островче, кое се вика Кавда, одвај можевме да го задржиме коработ. Кога го извлекоа, употребија се­как­ви средства и го врзаа коработ одоздо­ла; бидејќи се плашеа да не се насукаат на Сиртите, ги спуштија едрата и така бевме носени од струјата. На другиот ден, бидејќи бевме сил­но фрлани од бурата, почнаа да го ис­фр­луваат товарот, а на третиот ден сами со рацете свои ја исфрлаа опремата на коработ. Но, бидејќи во текот на многу дни не се појави ни сонце, ни ѕвезда, а бес­нееше и прилично голема бура, понатаму исчезнуваше секаква надеж дека ќе се спасиме. И бидејќи веќе долго време не беа јадени, Павле застана сред нив и рече: „Луѓе, браќа, требаше да ме послушате и да не тргаме од Крит, и ќе ги избег­нев­ме овие маки и штети. А сега ви советувам да бидете бод­ри, зашто ниедна душа од вас нема да загине, освен коработ. Бидејќи ноќеска ми се јави ангелот од Бога, Чиј сум и Кому Му служам, и рече: ‚Не плаши се, Павле, ти тре­ба да излезеш пред царот; и ете, Господ ти ги дарува сите, што пловат со тебе.‘ Затоа, браќа, не плашете се, зашто Му верувам на Бога дека ќе се случи така, како што ми беше речено. Но, треба да бидеме исфрлени на еден остров.“