Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Дела 23:12-35

Дела 23:12-35 MK2006

А кога осамна, некои од Јудејците се договорија, се заколнаа со заклетва и си рекоа да не јадат, ниту да пијат додека не го убијат Павле. Имаше повеќе од четириесет мажи што дадоа таква заклетва. Па отидоа кај првосвештениците и старешините и рекоа: „Клетва си кла­довме ништо да не каснеме додека не го убиеме Павле. Затоа вие од Синедрионот сооп­ште­те му сега на заповедникот да го доведе утре долу пред нас, небаре ќе сакате по­точно да го разгледате неговото дело; а ние, пред да наближи, ќе бидеме готови да го убиеме.“ Кога слушна за заседата синот на Павловата сестра, отиде, влезе во тврдината и му кажа на Павле. А Павле повика еден стотник и му рече: „Одведи го ова момче кај заповедникот, зашто има нешто да му каже.“ И тој го зеде, го одведе кај заповедникот и рече: „Затвореникот Павле ме повика и замоли ова момче да го до­ве­дам кај тебе, зашто имало нешто да ти каже.“ Заповедникот го фати за рака, застана со него на страна и го праша: „Што имаш да ми кажеш?“ А тоа рече: „Јудејците се договорија да те молат да го одведеш утре Павле долу пред Синедрионот, небаре ќе сака­ат поточно да го испитуваат нешто во врска со неговото дело. Но ти не им верувај, зашто ќе го че­каат четириесет, а и повеќе од че­ти­ри­есет нивни луѓе, што се заколнале да не јадат, ниту да пијат, сѐ додека не го убијат; и сега се веќе готови, чекаат само да им ветиш.“ Тогаш заповедникот го испрати момчето и му порача: „Никому не ка­жувај дека си ми го кажал ова!“ Потоа повика двајца стотници и ре­че: „Пригответе ми двесте војници, се­думдесет коњаници и двесте стрелци, за да тргнат за Кесарија во третиот час ноќеска; и пригответе добици, за да го качат Павле и да го одведат до намесникот Феликс!“ Напиша и писмо со оваа содржина: „Клавдиј Лисиј испраќа поздрав до многупочитуваниот намесник Феликс. Овој човек беа го фатиле Јудејците и сакаа да го убијат; јас се појавив со војска и го одзедов, бидејќи разбрав де­ка е римски граѓанин. И сакајќи да ја дознаам причината, поради која го обвинуваат, го изведов пред нивниот Синедрион, и дознав дека го обвинуваат по пра­шање од нивниот Закон, но дека нема никаква вина, поради која би заслужил смрт или окови. И бидејќи ми беше соопштено дека Јудејците намислиле лошо против тој човек, јас го пратив веднаш кај тебе, от­како им порачав и на обвинителите да кажат пред тебе што имаат против не­го. Биди здрав!“ И така, војниците го зедоа Павле, и онака како што им беше заповедано, го одведоа ноќе во Антипатрида. А на вториот ден се вратија во тврдината, откако ги оставија коњаниците да одат со него. Оние што влегоа во Кесарија и му го предадоа писмото на намесникот, му го претставија и Павле. Намесникот го прочита писмото и праша од кој крај е тој, и откако разбра дека е од Киликија, рече: „Ќе те сослушам, кога ќе дојдат и твоите обвинители.“ И заповеда да го држат под стража во дворот Иродов.