Луѓе Израелци, слушнете ги овие зборови: Исус од Назарет, Човекот посведочен пред вас од Бога со сили, чудеса и знаци, кои, како што и сами знаете, ги направи Бог преку Него, предаден по определениот Божји план и предзнаење, вие Го фативте, Го распнавте со рацете на беззакониците и Го убивте. Но Бог Го воскресна, откако Го ослободи од смртните маки, бидејќи смртта немаше сила да Го задржи. Зашто Давид за Него вели: ‚Секогаш Го гледав Господ пред себе. Тој е од мојата десна страна, за да не се поместам. Затоа се развесели срцето мое и се возрадува јазикот мој; а уште и телото мое ќе почива во надеж; зашто Ти нема да ја оставиш душата моја во Адот, ниту, пак, ќе дозволиш Твојот праведник да види распаѓање. Ти си ми ги покажал патиштата на животот; Ти ќе ме исполниш со радост преку лицето Свое.‘ Мажи браќа, нека ми е дозволено да ви зборувам слободно за прататкото Давид, дека тој умре и беше погребан, а гробот негов е меѓу нас сѐ до денешниов ден. Па, бидејќи беше пророк и знаејќи дека Бог му беше ветил со заклетва дека ќе постави некој од плодот на неговите бедра на престолот Свој, предвиде и кажа за воскресението на Христос дека нема да биде оставен во Адот и дека телото Негово нема да види распаѓање. Овој Исус Го воскресна Бог. За тоа сме ние сите сведоци. И затоа, Тој, откако беше воздигнат со десницата Божја и Го прими од Отецот ветувањето на Светиот Дух сега Го излеа. Тоа е она што го гледате сега вие и го слушате. Зашто Давид не отиде на небесата, но самиот кажа: ‚Му рече Господ на мојот Господ: Седни од Мојата десна страна, додека не ги поставам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои.‘ И затоа, нека знае со сигурност сиот Израелов дом дека Оној Исус, Кого вие Го распнавте, Бог Го направи Господ и Христос.“
Кога го слушнаа тоа, им се растреперија срцата, и му рекоа на Петар и на другите апостоли: „Луѓе браќа, што да правиме?“