Кога дојде денот Педесетница, сите апостоли беа заедно и на исто место. Тогаш ненадејно се создаде шум од небото, како силен ветар кога дува, и ја исполни целата куќа, каде што седеа. И им се јавија јазици како од пламен, кои се разделуваа и се спуштија по еден над секого од нив посебно. И сите се исполнија со Дух Свети, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свети да изговараат. Тогаш во Ерусалим имаше Јудејци, побожни луѓе, од секој народ под небото. Кога се создаде тој екот, народот кој се насобра многу се збуни, бидејќи секој ги слушаше како зборуваат на неговиот сопствен јазик. И сите вџашени и восхитени, говореа: „Овие што зборуваат, зар не се сите Галилејци? Па како тогаш слушаме како секој од нив зборува на нашиот мајчин јазик? Парти, Мидијци, Еламити и жителите од Месопотамија, Јудеја и Кападокија, од Понт и Азија, Фригија, Памфилија, од Египет и од краиштата на Либија покрај Киринеја, па и привремено дојдените Римјани. Како ние Јудејците, така исто и придојдените, Критјани и Арапи, еве слушаме како тие зборуваат за големите дела Божји на нашите јазици?“ Сите се чудеа и во недоумение си зборуваа еден со друг: „Што ли ќе биде ова?“ А други, потсмевајќи се, велеа: „Се напиле со слатко вино!“
Тогаш Петар стана со единаесетте, го подигна гласот свој и им рече: „Луѓе Јудејци и вие сите што живеете во Ерусалим, знајте го ова и внимателно слушнете ги моите зборови; овие луѓе не се пијани, како што мислите вие, зашто е третиот час од денот: но ова е претскажаното преку пророкот Јоил: ‚И ете во последните дни, рече Бог, ќе излеам од Мојот Дух на секое тело и ќе пророкуваат синовите ваши и ќерките ваши, и младичите ваши ќе имаат виденија и старците ваши ќе сонуваат соништа. И во тие дни, врз слугите Мои и слугинките Мои ќе излеам од Мојот Дух, и тие ќе пророкуваат. И ќе покажам чудеса на небесата и знаци долу на земјата – крв, и оган, и чад. Сонцето ќе се претвори во темнина, а месечината во крв, и тоа уште пред да настапи големиот и славен ден Господов. И тогаш, секој што ќе го повика името Господово, ќе се спаси.‘ Луѓе Израелци, слушнете ги овие зборови: Исус од Назарет, Човекот посведочен пред вас од Бога со сили, чудеса и знаци, кои, како што и сами знаете, ги направи Бог преку Него, предаден по определениот Божји план и предзнаење, вие Го фативте, Го распнавте со рацете на беззакониците и Го убивте. Но Бог Го воскресна, откако Го ослободи од смртните маки, бидејќи смртта немаше сила да Го задржи. Зашто Давид за Него вели: ‚Секогаш Го гледав Господ пред себе. Тој е од мојата десна страна, за да не се поместам. Затоа се развесели срцето мое и се возрадува јазикот мој; а уште и телото мое ќе почива во надеж; зашто Ти нема да ја оставиш душата моја во Адот, ниту, пак, ќе дозволиш Твојот праведник да види распаѓање. Ти си ми ги покажал патиштата на животот; Ти ќе ме исполниш со радост преку лицето Свое.‘ Мажи браќа, нека ми е дозволено да ви зборувам слободно за прататкото Давид, дека тој умре и беше погребан, а гробот негов е меѓу нас сѐ до денешниов ден. Па, бидејќи беше пророк и знаејќи дека Бог му беше ветил со заклетва дека ќе постави некој од плодот на неговите бедра на престолот Свој, предвиде и кажа за воскресението на Христос дека нема да биде оставен во Адот и дека телото Негово нема да види распаѓање. Овој Исус Го воскресна Бог. За тоа сме ние сите сведоци. И затоа, Тој, откако беше воздигнат со десницата Божја и Го прими од Отецот ветувањето на Светиот Дух сега Го излеа. Тоа е она што го гледате сега вие и го слушате. Зашто Давид не отиде на небесата, но самиот кажа: ‚Му рече Господ на мојот Господ: Седни од Мојата десна страна, додека не ги поставам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои.‘ И затоа, нека знае со сигурност сиот Израелов дом дека Оној Исус, Кого вие Го распнавте, Бог Го направи Господ и Христос.“
Кога го слушнаа тоа, им се растреперија срцата, и му рекоа на Петар и на другите апостоли: „Луѓе браќа, што да правиме?“ А Петар им рече: „Покајте се и секој од вас да се крсти во името на Исус Христос за простување на гревовите; и тогаш ќе примите дар од Светиот Дух. Зашто вам ви припаѓа она ветување и на вашите деца и на сите што се далеку, што ќе ги повика Господ, нашиот Бог.“ И со многу други зборови сведочеше и ги молеше, велејќи: „Спасувајте се од овој пакостен род!“ И така оние што од срце ги примија неговите зборови, се крстија и се присоединија во тој ден околу три илјади души.