Кога дојде денот Педесетница, сите апостоли беа заедно и на исто место. Тогаш ненадејно се создаде шум од небото, како силен ветар кога дува, и ја исполни целата куќа, каде што седеа. И им се јавија јазици како од пламен, кои се разделуваа и се спуштија по еден над секого од нив посебно. И сите се исполнија со Дух Свети, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свети да изговараат. Тогаш во Ерусалим имаше Јудејци, побожни луѓе, од секој народ под небото. Кога се создаде тој екот, народот кој се насобра многу се збуни, бидејќи секој ги слушаше како зборуваат на неговиот сопствен јазик. И сите вџашени и восхитени, говореа: „Овие што зборуваат, зар не се сите Галилејци? Па како тогаш слушаме како секој од нив зборува на нашиот мајчин јазик? Парти, Мидијци, Еламити и жителите од Месопотамија, Јудеја и Кападокија, од Понт и Азија, Фригија, Памфилија, од Египет и од краиштата на Либија покрај Киринеја, па и привремено дојдените Римјани. Како ние Јудејците, така исто и придојдените, Критјани и Арапи, еве слушаме како тие зборуваат за големите дела Божји на нашите јазици?“ Сите се чудеа и во недоумение си зборуваа еден со друг: „Што ли ќе биде ова?“ А други, потсмевајќи се, велеа: „Се напиле со слатко вино!“
Тогаш Петар стана со единаесетте, го подигна гласот свој и им рече: „Луѓе Јудејци и вие сите што живеете во Ерусалим, знајте го ова и внимателно слушнете ги моите зборови; овие луѓе не се пијани, како што мислите вие, зашто е третиот час од денот: но ова е претскажаното преку пророкот Јоил: ‚И ете во последните дни, рече Бог, ќе излеам од Мојот Дух на секое тело и ќе пророкуваат синовите ваши и ќерките ваши, и младичите ваши ќе имаат виденија и старците ваши ќе сонуваат соништа. И во тие дни, врз слугите Мои и слугинките Мои ќе излеам од Мојот Дух, и тие ќе пророкуваат. И ќе покажам чудеса на небесата и знаци долу на земјата – крв, и оган, и чад. Сонцето ќе се претвори во темнина, а месечината во крв, и тоа уште пред да настапи големиот и славен ден Господов. И тогаш, секој што ќе го повика името Господово, ќе се спаси.‘