Првата книга, Теофиле, ја напишав за сѐ она што Исус го правеше и поучуваше, од почетокот, па сѐ до денот кога се вознесе, откако преку Светиот Дух им даде заповеди на апостолите што беше ги избрал. Ним по Своето страдање им се претстави жив, со многу верни докази, јавувајќи им се четириесет дни и зборувајќи им за царството Божјо. Еднаш кога ги собра, Тој им заповеда: „Не оддалечувајте се од Ерусалим, туку чекајте го ветувањето од Отецот што сте го слушале од Мене: Јован крштаваше со вода, а вие, не по многу дни од денес, ќе бидете крстени со Светиот Дух.“
А тие, кои беа собрани, Го прашаа велејќи: „Во ова време ли Ти ќе го востановиш, Господи, царството Израелово?“ И Тој им одговори: „Не е ваше да ги знаете времињата или часот што Отецот ги поставил во Своја власт; но ќе примите сила од Светиот Дух, Кој ќе слезе на вас и ќе Ми бидете сведоци во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и сѐ до крајот на земјата.“ И штом го рече тоа, додека тие Го гледаа Тој се подигна, и облак Го подзеде од пред очите нивни. И како што гледаа кон небото додека Тој се вознесуваше, одеднаш пред нив застанаа двајца мажи во бела облека, и рекоа: „Луѓе Галилејци, што стоите и гледате кон небото? Овој Исус, Кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде пак на истиот начин како што Го видовте да оди на небото.“