Му јавија на цар Давид и му рекоа: „Господ го благослови домот на Аведар и сѐ што е во него, поради Божјиот ковчег“; Давид отиде и свечено го пренесе Божјиот ковчег од куќата на Аведар во Давидовиот град. И штотуку оние што го носеа ковчегот Господов, изминаа шест чекори, тој принесе жртва едно јунче и еден овен. Давид играше со сета сила пред Господ, а беше облечен со ленен ефод. Така Давид и целиот Израелов дом го носеа ковчегот Господов со извици и звуци од труба. Кога ковчегот Господов влегуваше во Давидовиот град, Михала, Сауловата ќерка, гледаше од прозорецот нејзин и, откако го виде царот Давид како скока и игра пред Господ, го презре во срцето свое. Го донесоа ковчегот Господов и го поставија на местото негово среде скинијата, која Давид ја беше направил за него: и Давид принесе сепаленици пред Господ и жртви за помирување. Кога Давид заврши со принесувањето сепаленици и жртви за помирување, тој го благослови народот во името на Господ Саваот; и му раздаде на сиот народ, на целото множество Израелци, и на мажи и на жени, на секого по еден леб, по парче печено месо и по еден колач од суво грозје. Потоа сиот народ се разотиде, секој во куќата своја. Кога се врати Давид за да го благослови домот свој, Михала, Сауловата ќерка, излезе и му рече: „Колку се прослави денес царот Израелов, разголувајќи се пред очите на слугинките од слугите свои, како што се разголува прост човек.“ А Давид ѝ одговори на Михала: „Пред Господ, Кој ме одбра мене наместо твојот татко и целиот негов дом, поставувајќи ме за водач на народот Господов – Израел; пред Господ ќе свирам и ќе играм; и уште повеќе ќе се понизам, и уште помал ќе станам во своите очи, и при сето тоа, пред слугинките, за кои говориш, јас ќе бидам славен.“