Тогаш сите израелски племиња дојдоа кај Давид во Хеврон и рекоа: „Ете, ние сме твои коски и твоја плот. Порано, додека царуваше Саул над нас, ти го изведуваше и го воведуваше Израел; и Господ ти рече: ‚Ти ќе го пасеш Мојот народ Израел и ти ќе бидеш водач на Израел.‘“ Тогаш сите Израелови стерешини дојдоа кај царот во Хеврон, и царот Давид направи со нив завет пред Господ во Хеврон; и го помазаа Давид за цар над сиот Израел. Давид беше на триесет години, кога се зацари; тој царуваше четириесет години. Во Хеврон царуваше над Јуда седум години и шест месеци, а во Ерусалим царуваше триесет и три години над целиот Израел и над Јуда.
Царот тргна за Ерусалим заедно со луѓето свои против Јевусијците, жители од оној крај; но тие му велеа на Давид: „Ти нема да влезеш тука; слепите и сакатите ќе те избркаат“, – тоа значеше: Давид нема да влезе тука. Но Давид ја презеде тврдината Сион: Тоа е Давидовиот град. Тој ден Давид рече: „Секој што ќе ги нападне Јевусијците, нека удри со мечот и по сакатите и слепите, зашто нив ги замрази Давидовата душа.“ Затоа и се вели: „Слеп и сакат нема да влезе во домот Господов.“ И Давид се насели во тврдината, и ја нарече Давидов град, и изгради наоколу ѕид од крајот, па сѐ до внатре. И Давид напредуваше и се воздигаше, и Господ Бог Саваот беше со него. Тирскиот цар Хирам испрати кај Давид пратеници и кедрово дрво, дрводелци и каменоделци, и тие му изградија на Давид дом. Давид разбра дека Господ го определил за цар над Израел и го воздигнал царството негово заради Својот народ Израел.
Давид си зеде уште наложници и жени од Ерусалим, откако дојде од Хеврон. И му се родија на Давид уште синови и ќерки. Еве ги имињата на оние што му се родија во Ерусалим: Шамуа, Шовав, Натан и Соломон, Јивхар, Елишуа, Нефег и Јафија, Елишама, Елијада и Елифелет.
Кога Филистејците слушнаа дека Давид е помазан за цар на Израел, сите Филистејци се кренаа да го бараат Давид. Давид слушна и отиде во тврдината. А Филистејците дојдоа и се сместија во Рефаимската Долина. И Давид Го запраша Господа, велејќи: „Да одам ли против Филистејците? Ќе ги предадеш ли во рацете мои?“ А Господ му одговори на Давид: „Оди, зашто Јас ќе ги предадам Филистејците во рацете твои.“ Тогаш Давид отиде во Ваал-Перацим и таму ги совлада, и рече Давид: „Господ ги однесе пред мене непријателите мои, како вода што однесува.“ Поради тоа и она место се нарече Ваал-Перацим. Таму Филистејците ги оставија идолите свои, а Давид со луѓето свои ги зеде и заповеда да ги изгорат со оган. Филистејците пак дојдоа и поставија логор во Рефаимската Долина. А Давид Го праша Господа, а Господ му одговори: „Немој да им излегуваш во пресрет, туку опколи ги одзади и нападни ги откај горичката на црници. Кога ќе чуеш шум како кога минува некој по врвовите на црниците, тогаш појди, зашто тогаш Господ тргнал пред тебе за да ја порази филистејската војска.“ Давид постапи токму така како што му заповеда Господ; и тој ги собори Филистејците од Гева сѐ до влезот на Гезер.