Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Самоилова 5:1-25

2 Самоилова 5:1-25 MK2006

Тогаш сите израелски племиња дојдоа кај Давид во Хеврон и рекоа: „Ете, ние сме твои коски и твоја плот. Порано, додека царуваше Саул над нас, ти го изведуваше и го воведуваше Израел; и Господ ти рече: ‚Ти ќе го пасеш Мојот народ Израел и ти ќе бидеш водач на Израел.‘“ Тогаш сите Израелови стерешини дојдоа кај царот во Хеврон, и царот Давид направи со нив завет пред Господ во Хеврон; и го помазаа Давид за цар над сиот Израел. Давид беше на триесет години, кога се зацари; тој царуваше четирие­сет години. Во Хеврон царуваше над Јуда седум години и шест месеци, а во Ерусалим царуваше триесет и три години над целиот Израел и над Јуда. Царот тргна за Ерусалим заедно со луѓето свои против Јевусијците, жители од оној крај; но тие му велеа на Давид: „Ти нема да влезеш тука; слепите и сакатите ќе те избркаат“, – тоа значеше: Давид нема да влезе тука. Но Давид ја презеде тврдината Сион: Тоа е Давидовиот град. Тој ден Давид рече: „Секој што ќе ги нападне Јевусијците, нека удри со мечот и по сакатите и слепите, зашто нив ги замрази Давидовата душа.“ Затоа и се вели: „Слеп и сакат нема да влезе во домот Господов.“ И Давид се насели во тврдината, и ја нарече Давидов град, и изгради наоколу ѕид од крајот, па сѐ до внатре. И Давид напредуваше и се воздигаше, и Господ Бог Саваот беше со него. Тирскиот цар Хирам испрати кај Давид пратеници и кедрово дрво, дрводелци и каменоделци, и тие му изградија на Давид дом. Давид разбра дека Господ го определил за цар над Израел и го воздигнал царството негово заради Својот народ Израел. Давид си зеде уште наложници и жени од Ерусалим, откако дојде од Хеврон. И му се родија на Давид уште синови и ќерки. Еве ги имињата на оние што му се родија во Ерусалим: Шамуа, Шовав, Натан и Соломон, Јивхар, Елишуа, Нефег и Јафија, Елишама, Елијада и Елифелет. Кога Филистејците слушнаа дека Давид е помазан за цар на Израел, сите Филистејци се кренаа да го бараат Давид. Давид слушна и отиде во тврдината. А Филистејците дојдоа и се сместија во Рефаимската Долина. И Давид Го запраша Господа, ве­лејќи: „Да одам ли против Филис­тејците? Ќе ги предадеш ли во рацете мои?“ А Господ му одговори на Давид: „Оди, зашто Јас ќе ги пре­дадам Филистејците во рацете твои.“ Тогаш Давид отиде во Ва­ал-Пера­цим и таму ги совлада, и рече Давид: „Господ ги однесе пред мене непријателите мои, како вода што однесува.“ Поради тоа и она место се нарече Ваал-Перацим. Таму Филистејците ги оставија идолите свои, а Давид со луѓето свои ги зеде и заповеда да ги изгорат со оган. Филистејците пак дојдоа и поста­вија логор во Рефаимската Долина. А Давид Го праша Господа, а Гос­под му одговори: „Немој да им излегуваш во пресрет, туку опколи ги одзади и нападни ги откај горичката на црници. Кога ќе чуеш шум како кога минува некој по врвовите на црниците, тогаш појди, зашто тогаш Господ трг­нал пред тебе за да ја порази филистеј­ската војска.“ Давид постапи токму така како што му заповеда Господ; и тој ги собори Филистејците од Гева сѐ до влезот на Гезер.