Лого на YouVersion
Икона за пребарување

2 Самоилова 12:1-25

2 Самоилова 12:1-25 MK2006

Господ го испрати Натан пророкот кај Давид, и тој отиде кај него и му рече: „Во еден град имаше двајца мажи – едниот богат, а другиот сиромав; богатиот имаше мошне многу ситен и крупен добиток, а сиромавиот немаше ништо, освен една овчичка што ја беше купил мала и ја отхрани, и таа беше пораснала кај него заедно со неговите деца; таа јадеше од неговиот леб, пиеше од неговата чаша, спиеше на неговите гради и му беше како ќерка; кај богатиот човек дојде еден странец; и нему не му беше по волја да земе од овците или од воловите свои за да зготви ручек на странецот, кој беше дошол кај него, туку ја зеде овчичката на сиромавиот и му ја приготви неа на човекот што беше дошол кај него.“ Давид многу се разгневи против тој човек и му рече на Натан: „Жими Господ! Смрт заслужува оној човек што го направил тоа; и за овчичката тој треба да плати четворно, зашто го направил тоа и затоа што немал милост.“ Тогаш Натан му кажа на Давид: „Ти си оној човек што го изврши тоа. Така говори Господ, Бог Израелов: ‚Јас те помазав за цар над Израел, те спасив од рацете Саулови, ти го дадов домот на твојот господар и жените на господарот твој во твоја прегратка, ти го дадов домот Израелов и Јудин и, ако ти е тоа малку, би ти придал уште повеќе; а ти зошто го презре зборот на Господ, извршувајќи зло пред очите Негови? Урија Хитиецот го нападна со меч, жената негова ја зеде за своја же­на, а него го уби со мечот на Амонците; затоа мечот нема никогаш да се оттргне од твојот дом засекогаш, бидејќи ти Ме презре и ја зеде жената на Хитиецот Урија за да биде твоја жена.‘ Така говори Господ: ‚Ете, јас ќе подигнам зло против твојот дом, ќе ги земам твоите жени пред очите твои и ќе ги дадам на ближниот твој, и тој ќе спие со твоите жени под ова сонце; ти го изврши тоа тајно, Јас, пак, ќе го извршам пред целиот Израел среде бел ден.‘“ Тогаш Давид му рече на Натан: „Згрешив пред Господ.“ А Натан му кажа на Давид: „И Господ го симна од тебе гревот твој; ти нема да умреш; но бидејќи со тоа им даде повод на непријателите Господови да Го хулат, затоа синот што ти се роди, ќе умре.“ Натан отиде во домот свој. И Господ го погоди детето што му го беше родила на Давид Уриевата жена, и тоа се разболе. Давид Му се молеше на Бога за детето, постеше Давид и осамен ја мина ноќта, легна на земја. И влегоа кај него старешините на домот негов, да го кренат од земјата, но тој не сакаше и не јадеше леб со нив. На седмиот ден детето умре, и слугите Давидови се плашеа да му соопштат дека детето умрело; зашто си мислеа тие, кога детето беше уште живо, и ние му прозборувавме, а тој не го слушаше гласот наш, како ќе му кажеме: „Детето умре.“ Тој ќе стори нешто лошо. Виде Давид дека слугите негови се дошепнуваат, и разбра дека детето умрело, па ги праша слугите: „Умре ли детето?“ Тие му одговорија: „Умре.“ Тогаш Давид стана од земјата, се изми, се помаза, се преоблече и отиде во домот Господов и се молеше. Кога се врати дома, побара да му донесат леб и јадеше. И го запрашаа слугите негови: „Што значи тоа што постапуваш така? Додека детето уште беше живо, ти постеше и плачеше, и не спиеше; а откако умре детето, ти стана и јадеш леб и пиеш.“ Давид им одговори: „Додека детето беше живо, јас постев и плачев, бидејќи мислев: кој знае, нема ли да се смили над мене Господ и нема ли детето да остане живо? А сега е умрено; зошто да постам? Зар можам да го вратам? Јас ќе отидам кај него, тоа нема да се врати кај мене.“ И Давид ја утеши својата жена Витсавеја, и влезе кај неа и спиеше со неа; таа зачна и роди син, кому му даде име Соломон. И Господ го засака; и го испрати пророкот Натан, и тој го нарече: Једидија, според словото Господово.